Србија и Македонија имаат одлична соработка на сите полиња, изјави српскиот амбасадор во Македонија, Томислав Ѓурин, за време на вчерашната посета на Битола.
„Србија и Македонија соработуваат одлично на секое поле. Наскоро во Република Македонија ќе престојува српскиот премиер и прв пат ќе биде одржана заедничка седница на владите на двете држави, што претставува вистинска реткост, но и потврда за извонредно добрите политички односи и соработка, додека, пак, во официјална посета на Република Србија до крајот на годината ќе престојува вашиот претседател Ѓорге Иванов“, изјави Ѓурин.
Тој најави реализација и учество на двете земји во заеднички проекти од регионално значење. „Македонија ја гледаме како важен сосед и со исти амбиции како нашите, односно интегрирање во ЕУ. Од заеднички интерес е отворањето на Коридорот 10, реализацијата на неколку регионални еко-проекти, како и културната размена во која е предвидено да се отворат културни центри во Белград и во Скопје“, посочи амбасадорот Ѓурин. (МИА)