Почна академската година
Претседателот Ѓорге Иванов ќе додели триесет стипендии „Борис Трајковски“ за најдобрите студенти на додипломските, постдипломските и бизнис мастер-студиите. Иванов ќе ги доделува стипендиите заедно со Министерството за образование и наука и со „Сити колеџот“ од Солун, кој е дел од Универзитетот „Шефилд“.
Претседателот ја најави оваа новина на вчерашната свеченост по повод почетокот на учебната година на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. На свеченоста што се одржуваше во спортската сала „Борис Трајковски“ присуствуваа голем број бруцоши. Куриозитет беше тоа што покрај ресорниот министер за образование, Никола Тод��ров, и ректорот на Скопскиот универзитет, се појави и министерот за одбрана, Зоран Коњановски.
„Преку високото образование Македонија е веќе дел од европскиот образовен простор. Со реформите што се спроведуваат, европските образовни вредности стануваат наши вредности“, рече во поздравниот говор претседателот Иванов, обраќајќи им се на студентите. Тој се осврна на практичната настава што се воведува годинава, а која, според него, ќе придонесе за зголемување на квалитетот на вештините на студентите.
Министерот за образование и наука, Никола Тодоров, потенцираше дека во последните години постојано се зголемува бројот на студентите, но и проодноста во високото образование.
Ректорот на Скопскиот универзитет, Велимир Стојковски, им го честиташе почетокот на учебната година на 8.000 бруцоши, кои годинава прв пат ќе добијат индекси. Тој го претстави УКИМ како најстара и најквалитетна високообразовна институција, на која, како што рече досега, дипломирале над 126 илјади студенти, а Универзитетот продуцирал и 5.300 магистри и 2.800 доктори на науки. За ректорот е значајно и тоа што УКИМ е најдобро рангиран универзитет од Македонија на светската скала на универзитети.
Стојковски, во изјава за медиумите, ја поздрави практиката на универзитетите, споменувајќи дека проблем би можело да има со изведување на практиката на некои универзитети поради бројноста на студентите. (Ж.Х.З.) |