Скопскиот апелационен судија, Мерсел Пајазити, е нов член на Судски совет од редот на судиите, кои не се мнозинство во државата, соопшти вчера Комисијата за избор во Судски совет.
На гласањето што се спроведе завчера во сите судови во државата, Пајазити победил со 267 гласа. Тој доаѓа на местото на Мируша Еленовска, која на 29 август оваа година исполни услови за заминување во пензија. За оваа функција се кандидираа тројца припадници од албанската заедница, еден од српската и еден судија што се изјаснил како Бугарин. Тоа се: Ахмети Рушити од Апелациониот суд во Гостивар, Мерсељ Пајазити од скопскиот Апелационен суд и Шемседин Јусуфи од Основниот суд во Тетово, потоа Зорица Цунгаровска од Основниот суд - Скопје 2, како и Славчо Тасев од Апелациониот суд во Штип. Мандатот на член на Судски совет трае шест години со право на реизбор. (Г.Д.)