Македонија Ѓ.П. и Слога Ј. се жалат за исклучувањето од Лигата
Миодраг Мицковиќ
Македони��а и Слога Југомагнат, кои од страна на комесарот за натпревари на ФФМ, Миле Спиркоски, поради неоправдано неиграње на два првенствени натпревари, заработија казна, исклучување од Првата лига и префрлување во понизок ранг, во Општинската лига, како што не информираа испратија жалби на оваа одлука до Комисијата за молби и жалби на ФФМ. Во своите жалби тие ја оспоруваат одлуката за исклучување од Лигата и како што дознаваме, одново не ги кажуваат причините за бојкотот. Имено, и натаму тврдат дека Миле Спиркоски немал право да ги казни бидејќи му завршил мандатот, го оспоруваат и легитимитетот на Комисијата за молби и жалби, која според нив не била избрана.
Меѓутоа, на изборното собрание, кога Хари Хаџи-Ристески беше избран за претседател, биле избрани членовите на Надзорниот одбор, Арбитражната и Комисијата за молби и жалби.
Во Комисијата за молби и жалби, која треба да решава за целиот случај се избрани: Душко Арнаудов од Кавадарци, Кире Јачев (Велес) и Сафедин Тафо (Гостивар).
На конститутивната седница на Управниот одбор, кога беа верификувани 14 членови, плус претседателот, беше единствено продолжен мандатот на селекторот Мирсад Јонуз до завршувањето на квалификациите за Европското првенство, до 2012 година. Не е воопшто расправано за комесарите за натпревари, дисциплинскиот, за делегирање на судии, за Судиски одбор бидејќи никаде во статутот не пишува дека нивниот мандат трае четири години и завршува со Изборното собрание. Тие и натаму продолжуваат со работа, се' додека Управниот одбор не одлучи да ги смени, ако за тоа се укаже потреба и ако се незадоволни од нивната досегашна работа.
И покрај инсистирањето на комесарот за натпревари Миле Спиркоски Македонија и Слога Југомагнат да ги образложат причините зошто не ги одиграле последните две средби во првенството, во Федерацијата нема никаков писмен документ за нивниот бојкот.
Во своето соопштение Македонија и Слога југомагнат бараат во Собранието на ФФМ да има претставници на клубови, да се формира Здружение на прволигаши и второлигаши, но, за жал, такви нивни барања не беа воопшто доставени до ФФМ и Собранието за да бидат разгледувани. |