Амели Морезмо ја заврши тениската кариера низ која ги уриваше бариерите што ги крена нејзината сексуална ориентација
Сашко Ѓ. Димовски
Исплива на површина на Австралија опен во 1999 година на 19 годишна возраст. Со своите тогашни игри на терените на Мелбурн парк го заслужи вниманието на светската спортска јавност. Но, нејзината сексуална ориентација и признанието дека е лезбијка засекогаш ја обезбеди љубопитноста на медиумите, објективите на фотоапаратите, ТВ камерите. Стана цел на папараци кои во чекор го следеа секој нејзин потег, однесување, желни во очекување на експлицитна ситуација која добро ќе ја наплатат кај водечките светски весници и агенции за нивните насловни страници.
Веднаш по победата над првата носителка на Австралија опен 1999, Линдзи Девенпорт, Французинката Амели Морезмо, заврши во прегратките на нејзината сакана Силвија Бурдо, тогаш 31. годишна сопственичка на ноќен клуб во Париз. Оттогаш се најде под постојан притисок во медиумите, речиси повеќе се пишуваше и говореше за нејзиниот љубовен живот отколку за тоа што Морезмо навистина го демонстрира на терените и нејзините успешни настапи на ВТА турот. Извлече поука од тоа и по раскинувањето на врската со Бурдо својот љубовен живот го чуваше настрана и не ја откриваше приватноста.
Сексуалната ориентација не беше единственото нешто кај Морезмо што предизвикуваше коментари кај нејзините колешки, но и кај медиумите. Во фокусот на вниманието беше и нејзината физичка градба, нејзиното мускулесто тело. Наидуваше на презир и потсмев кога излегуваше од соба, од тоалет, од соблекувална. Мартина Хингис во една прилика ја нарече „половина човек“, Линдзи Девенпорт, пак, изјави дека Морезмо игра како маж. Швајцарката подоцна се обиде да ги демантира таквите коментари, но таа веќе беше снимена. Морезмо постојано ги отфрлаше коментарите на нејзина сметка што доаѓаа во континуитет нарекувајќи ги „помалку глупави“.
Без оглед на сексуалната ориентација Морезмо низ кариерата докажа дека и тоа како има што да понуди на тениските терени. Им ги затвори устите на злобниците со резултатите што ги забележуваше. Во 2004 година ја презеде лидерската позиција на ВТА листата, двапати играше во полуфиналните мечеви на Вимблдон (во 2006 година го освои Гренд слемот во Лондон), еднаш го понесе и пехарот од Австралија опен, се радуваше на 17 турнирски победи во кариерата, четири пати стигнуваше до четврт-финалето или полуфиналето на Ју-Ес опен. На Летните олимписки игри во Атина во 2004 година го освои сребрениот медал. Низ кариерата оствари 544 победи и дожи��еа 226 порази во поединечна конкуренција и заработи вкупно 15 милиони американски долари.
Амели Морезмо е родена во Сен Жермен ен Лаје, предградие на Париз (19 километри од центарот на француската престолнина) на 5 јули во 1979 година. Статус на професионална тениска стекна во 1997 година. Љубовта кон тенисот ја пројави на четиригодишна возраст. Како девојче го гледаше францускиот тениски херој Јаник Ноа како го освојува Ролан Гарос во 1983 година и веднаш побара од нејзините родители да и' купат рекет. Поседуваше толку многу природен талент што беше доволна препорака за татко и' и мајка и' да ја запишат во елитен и скап приватен тениски клуб. Во 1998 година Ноа ја повика во француската репрезентација за мечевите во Федерејшн купот.
Нејзиниот поранешен тренер изјави дека најголема вредност на Морезмо е нејзината решителност. На седумгодишна возраст тренерот рече:
„Не е многу голема, но веќе сега е подготвена и способна да се натпреварува со момчиња. Со нив игра фудбал, се трка и мрази да губи“.
Во неа светскиот женски тенис ја доби третата лезбијка која јавно се декларира како таква и не ја крие својата сексуална ориентација. Претходно храброст да го признаат тоа имаа и Мартина Навратилова и Били Кинг, но за разлика од нив Амели Морезмо не загуби ниту еден од нејзините спонзорски договори со „Најк“, „Данлоп“, „Баболат“ и „Газ де Франс“.
Во четвртокот во Париз, на прес-конференција полна со емоции, Морезмо (30) објави крај на кариерата. Порача дека сака да остане запаметена по игрите и резултатите, да се сеќаваат на неа како поранешна најдобра тенисерка на планетата, победничка на Австралија опен и Вимблдон. Да ја споменуваат како тенисерка која е комбинација на грациозност, искуство, снаодливост и вештина (бекхендот и беше доведен до ниво на совршенство, го практикуваше со една рака, одлична беше и во излегувањата на мрежа) во ерата на тенисот во која предничеше играта од основната линија. Другите пак кои подобро ја познаваат Морезмо и ја следеа на турнирите или често беа во нејзино друштво ќе ја знаат Французинката како страсна љубителка на гроздобери, трети ќе ја споменуваат како сопственичка на голема и убава винска визба во нејзиниот дом во Женева, кај дел од луѓето ќе буди спомени и нејзиниот „Харли Дејвидсон“, кај некои нејзината интелигенција и елоквентност.