Во пожар изгоре куќа на десетчлено семејство
СТРУМИЦА - Куќата на десетчленото семејство Божинови од струмичкото село Просениково завчера околу 18 часот целосно изгоре во пожар. Во пожарот нема жртви, иако за малку неколкумесечното бебе на еден од браќата Божинови ќе настрадало во пожарот. Имено, повозрасните деца од семејството во последен момент успеале да го извлечат бебето на сигурно.
„Во моментот кога го забележавме пожарот, бевме на нивата. Веднаш дотрчавме, но не можевме ништо да спасиме. Пожарникарите веќе гаснеа, но пламенот немилосрдно голташе се' пред себе. Веќе немаме ништо, останавме на патот. Се' ни изгоре и алиштата, парите, покуќнината, се' што имавме“, раскажува низ солзи снаата на Божинови, Габриела.
Според соседите и роднините, најверојатно, искра од шпоретот на дрва, кој бил сместен во една од помошните простории до куќата, била причината за пожарот. Откако ја зафатил бандерата до куќата, се проширил на покривната конструкција, по што го зафатил целиот објект. Покрај целокупната покуќнина на семејството Божинови, уништен е и голем дел од земјоделската механизација, систем за наводнување капка по капка и поголем број насади во саксии подготвени за расадување. (Е.П.) |