Започна судскиот процес за „Порцеланка“
Во велешкиот Основен суд започна процесот против Леонардо Питиќев, како сопственик на „Порецеланка“, и Никола Цветковски, како директор на фирмата, кои се обвинети за злоупотреба на службената должност. Според кривичното дело, средствата што ги пуштила Владата во висина од 71 милион денари во 2002 година за намирување на доверителите ги префрлиле со договор за техничко-деловна соработка на фирмата „Ексклузива“, сопственост на Питиќев. Притоа, освен што биле намирени вработените, дел од парите завршиле кај адвокатот Игнат Панчевски во висина од 18,7 милиони денари, за адвокатски услуги за кои нема уредна документација, 30 милиони денари биле орочени во Комерцијална банка, а за 1,6 милион денари било купено возило. На Питиќев му се суди во отстуство. Цветковски во своја одбрана изјави дека се противел на потпишување таков договор, но тоа го сторил по сугестија на адвокатот Игнат Панчевски, кој е сега негов бранител.
„Договорот со ’Ексклузива‘, фирма на сопственикот Питиќев, беше потпишана, бидејќи добивме четири акцептни налози од фирми на претходниот сопственик Трифун Костовски и постоеше опасност парите да бидат одлеани. За да се заштитат, беше склучен овој договор со ’Ексклузива‘“, изјави Цветковски. Судскиот процес продолжува во септември со сослушување на сведоците. (С.Ќ.Н.) |