Груевски: Банкарскиот сектор со позитивен тренд
Премиерот Никола Груевски смета дека во банкарскиот сектор во последниов период постојат позитивни трендови. „Има неколку факти што го кажуваат тоа - почна паѓањето на каматните стапки и е поголема отвореноста на банките кон фирмите за давање кредити, што не беше случај минатата година ова време. Тогаш нагло пораснаа каматите и банките не даваа кредити. Тоа е позитивен сигнал“, изјави деновиве Груевски.
Според него, следен позитивен сигнал е тоа што банките почнале однадвор да добиваат свеж капитал. „Неколку дена претходно, една од поголемите банки објави дека и' дошол свеж капитал од 25 милиони евра, кои ќе ги инвестира во Македонија за давање кредити. Можеби најважниот дел е тоа што Владата овозможи кредитна линија од ЕИБ вредна 100 милиони евра и најново е што работиме на тоа каматата од шест отсто, која беше гарантирана за првата година да биде загарантирана и за наредните години, што е очигледно добро примено помеѓу стопанствениците“, напомена Груевски. Тој тврди дека интересот за овој кредит е веќе зголемен. „Овие параметри и многу други покажуваат дека почна да попушта кризата во овој дел, иако се' уште држи.“, рече Груевски.(Ек.Р.) |