Сите гледаат на цена кога избираат фиксен и мобилен
На мобилен телефон граѓаните месечно во просек зборуваат 107 минути, а на фиксен три часа
Бројот на претплатници во фиксната телефонија во Македонија опаѓа, стагнира во мобилната, а има зголемување кај Интернетот. Корисниците на мобилен и на фиксен телефон се чувствителни на цените при изборот на операторот. Но, генерално, тие се задоволни од моментните цени и од квалитетот на услугите. Ова на вчерашниот прес го нагласи портпаролот на Агенцијата за електронски комуникации, Марјан Пејоски, повикувајќи се на извештајот на АЕК за четвртиот квартал од минатата година и на резултатите од испитувањето на јавното мислење во периодот октомври 2009 - март 2010 година, спроведено за потребите на Агенцијата.
Според извештајот, во четвртиот квартал лани во однос на третиот имало два процента помалку претплатници во фиксната телефонија, но и за два процента повеќе граѓани што го промениле фиксниот оператор. За 67 проценти од испитаниците зголемувањето на цената за користење фиксен телефон за 10 проценти е доволен услов за промена на операторот.
Во мобилната телефонија, пак, во четвртиот квартал лани пенетрацијата изнесувала 95 проценти, или за процент помалку од регистрираната во третиот квартал. Во вкупно 1.943.216 регистрирани корисници на мобилен телефон во државава, уделот на „Т-мобиле“ изнесува 62,57 проценти, на ОНЕ со 21,80 проценти, како и 15,63 проценти на операторот ВИП, кој константно бележи зголемување.
Можноста за пренесување на бројот досега ја искористиле 22.994 претплатници во фиксната телефонија и 10.366 во мобилната.
На мобилен телефон граѓаните месечно во просек зборуваат 107 минути, од кои 94 во сопствените мрежи, десет кон други мобилни мрежи, две кон фиксни мрежи и една минута во странство, каде што претежно комуницираат со СМС-пораки. Во фиксната телефонија просечните месечни разговори траат 180 минути, односно 139 во сопствената мрежа, 27 кон други фиксни, 14 кон мобилни мрежи и пет минути кон мрежи во странство.
Извештајот на АЕК покажува и продолжување на трендот за зголемување на уделот на алтернативните оператори во фиксната телефонија. Евидентирано е намалување на корисниците на Интернет преку фиксен пристап и раст на тие во широкопојасниот, што го користат 39 проценти од домаќинствата. Во преносот на ТВ-содржини во четвртиот квартал минатата година АЕК евидентира 87,18 проценти корисници на кабелска телевизија, како и 7,12 на ИПТВ, 5,15 проценти на ДВБ - Т и 0,55 проценти на сателитска телевизија. (Ек.Р.) |