Раиконен го одведе Ферари до еден-два победа во Шпанија

„Каталуња“ рекордер меѓу патеките со осум трки во низа со победа од пол-позицијата
Светскиот шампион Кими Раиконен од Ферари го зголеми своето водство во вкупниот поредок во Формула 1 на девет поени по доминантното возење од пол-позицијата до победата во трката за Големата награда на Шпанија. Бразилецот Фелипе Маса ја комплетира еден-два победата на Ферари, за кого ова е трет триумф во низа. Британецот Луис Хамилтон од Мекларен го заокружи подиумот со освојувањето на третото место, со што ги оживеа своите надежи за титулата по разочарувањето на претходната трка во Бахреин.
По 17. гран-при победа во кариерата на Финецот неговото бодовно салдо се искачи на 29 поени, девет повеќе од најблискиот ривал Хамилтон. На конструкторската табела, пак, Ферари го презеде водството од пријатното изненадување БМВ Заубер, кому му побегна на 12 поени разлика.
Наспроти Раиконен, кој имаше здодевно попладне во сончевата Барселона, неговиот сонародник Хеики Ковалаинен заврши в болница со потрес на мозокот како последица од излетувањето со болидот на Мекларен од патеката „Каталуња“ и удирањето во заштитната ограда од гуми. Во тој момент Ковалаинен беше во водство, благодарејќи на првото влегување во боксот на двете „ферарија“ и на Хамилтон.
„Си ја удри главата во инцидентот и доби потрес на мозокот. Како мерка на претпазливост, тој ќе биде подложен на медицински проверки в болница“, изјави извршниот шеф на Мекларен, Мартин Витмарш, пред медицинскиот центар на патеката.
Полјакот Роберт Кубица на БМВ Заубер му го донесе четвртото место, Австралиецот Марк Вебер од Ред бул беше петти, а Британецот Џенсон Батон со шестото место ги освои првите поени за Хонда сезонава. Јапонецот Јазуки Накаџима беше седми со болидот на Вилијамс, а последниот поен во трката му припадна на Италијанецот Јарно Трули од Тојота.
Првата трка во Европа заврши со целосно очекуван резултат, а „Каталуња“ стана рекордер меѓу патеките со најдолга серија победи на возачите што тргнале од најдобрата стартна позиција. Раиконен, единствен сезонава со две победи, е осмиот возач во низа што триумфира во Барселона тргнувајќи од пол-позицијата.
|