Шпанецот Рафаел Надал ја освои титулата на АТП турнирот од Мастерс серијата во Монте Карло, откако во финалето го порази најдобриот светски рекет, Роже Федерер со 7:5, 7:5. За Надал ова е четврта победа на првиот поголем тениски турнир на земјени терени во сезоната, вкупно 24 турнирска победа во кариерата од кои само пет не се остварени на земјена подлога. Својот позитивен биланс во пресметките со Федерер го поправи на 9:6 од кои 7:1 на земја. Единствената победа на земја против Надал швајцарскиот ас ја оствари лани во Хамбург. Во Монте Карло Федерер му пружи добар отпор на Надал, кој во вториот сет имаше негатива од 4:0, но со пет освоени гемови во низа Шпанецот успеа да направи резлутатски пресврт и на крајот да го добие дуелот.
Шпанија и Русија за титулата
на Федерејшн купот
Тенисерките на Шпанија и Русија се пласираа во финалето на Светската група на годинашното издание на Федерејшн купот. Во полуфиналето шпанските репрезентативки ја елиминираа Кина, додека Русинките ја добија пресметката со селекцијата на САД.
Шпанија изненадувачки лесно забележа победа во гости против Кина, а одлучувачкиот трет поен за „црвената фурија“ го обезбеди Нурија Лагостера Вивез по триумфот над Пенг Шуаи со 6:4, 6:4. И Русинките во Москва против ослабениот американски состав ја завршијата работата по третиот меч во кој Вера Звонарева славеше против Кинг со 4:6, 6:3, 6:2.
Финалето во Федерејшн купот е на програмата на 13 и 14 септември во Шпанија.