Роналдо: На крилата на фановите одиме во Москва

Португалецот смета дека атмосферата на „Олд трафорд“ ќе биде пресудна во вечерашниот реванш од ЛШ против Барса
„Видиќ доби колено во глава од Дрогба, а не доби ниту фаул“, огорчен беше Алекс Фергуосн по поразот од Челзи во саботата по кој бодовно се израмни со лондончани, но поради подобрата гол разлика неговиот тим и натаму е прв на две кола до крајот на шампионатот.
Покрај Видиќ се повреди и Вејн Руни, но лекарскиот тим на Јунајтед вели дека и двајцата ќе бидат максимално подготвени за вечерашниот голем полуфинален реванш против Барселона во Лигата на шампионите, во кој и двте екипи почнуваат од нула (како што е познато првиот меч на „Ноу Камп“ заврши без голови).
Фергусон се обидува да ги смири нервите по тој пораз од Челзи, кој според него е последица на измислениот пенал досуден по „раката на Карик“, и да ги насочи мислите кон Барселона. И тој како и сите навивачи на Јунајтед вечерва очекуваат подобра игра од главната ѕзвезда Роналдо, кој на „Ноу Камп“ мораше повеќе да ги исполнува тактичките замисли на својот тренер на средината на теренот (во одредени моменти и во одбраната) отколку да се рашири во нападот.
„Нашите фанови се фантастични, но минатиов месец просто беа неверојатни. Мислам дека тие многу ќе ни помогнат вечерва. Тоа ќе биде тежок дуел, но оптимист сум“, изјави Роналдо.
Барселона доаѓа на „Олд Трафорд“ по уште еден шок пораз во домашниот шампионат, од Ла Коруња 0:2. Тоа беше продолжување на нивната црна серија во однос на реализацијата. Барса нема постигнато гол во последните три меча. Франк Рајкард на тој натпревар ги одмораше Меси, Ето и Чави. Дефанзивецот Лилијан Турам ветува дека Барса во овој натпревар ќе биде онаа вистинската. „Сигурен сум дека ќе биде различно против Јунајтед. Не можам да објаснам како и зошто, но тоа ќе се случи“, се заканува Турам.
Рајкард вечерва нема да може да смета на суспендираниот Рафаел Маркез, но се враќа капитенот Пујол, кој ќе го заземе местото на Мексиканецот.
„Ако одиграме како на првиот натпревар, мислам дека може да го победиме Јунајтед и на „Олд Трафорд“. Во вакви натпревари ништо не се знае. Момент на инспирација решава“, посочи Рајкард.
Манчестер Ј: Ван де Сар, Браун, Фердинанд, Видиќ, Евра, Роналдо, Харгрејвс, Сколс, Гигс, Тевез, Руни
Мначестер Ј: Валдез, Замброта, Пујол, Милито, Абидал, Туре, Деко, Меси, Ето, Иниеста
Судија: Херберт Фандел
|