Катанец бара три бода против Шкотска или Холандија
Селекторот на македонската репрезентација би бил задоволен со една победа од двете средби со Шкотска и со Холандија
Миодраг Мицковиќ
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Среќко Катанец на вчерапшната прес-конференција пред почетокот на подготовките за мечевите со Шкотска и со Холандија во квалификациите за светското првенство не ги криеше своите размислувања кога кажа дека би бил задоволен доколку нашата репрезентација освои три бода на претстојните две средби на стартот од квалификациите.
„Нема што да кријам, одиме барем на една победа против Шкотска или Холандија, а потоа ќе размислуваме од меч до меч што не очекуваат до крајот на квалификациите. Најважно е сега да постигнеме барем една победа и да останеме во игра барем за бараж. Би бил презадоволен доколку моите играчи ја повторат играта како на пријателските средби со Полска и Луксембург. Свесен сум дека Шкотска е фаворит и според рејтингот што го има на светската и европската ранг-листа, но ние имаме свои амбиции и свои погледи на овој меч кој е од исклучително значење за нашата репрезентација. Уште на стартот на подготовките селекторот Катанец се судрува со извесни проблеми бидејќи Попов се повреди, но тој нема да повикува нов играч на негово место, подготовките ќе ги продолжи со 19 повикани фудбалери. Вчера попладне беше одржан првиот тренинг на стадионот на Чаир, до натпреварот со Шкотска предвидени се по два тренинга секој ден.
На прес-конференцијата присуствуваа и репрезентативците Игор Митревски, Шумуликовски и Демири така што новинарите сакаа да слушнат и нивни мислења за претстојниот меч со Шкотска.
„Секој старт во квалификациите е мошне значаен. Знаеме дека Шкотланѓаните се силен противник имаат добар тим, но и ние не сме за потценување. Верувам дека со поддршката на гледачите ќе успееме да ги освоиме толку посакуваните три бода, беа зборовите на Игор Митревски.
Величе Шумуликовски: Нема да биде лесно против Шкотланѓаните, познавам неколку нивни играчи кои играат агресивен фудбал сличен на оној англиски но нам токму таквата игра ни одговара. Шкотланѓаните играат со долги нафрлени топки, тука нашите одбранбени играчи мораат многу да внимаваат. Со нивна игра, со брзи контранапади верувам дека ќе успееме и да ги израдуваме нашите навивачи.
Ертан Демири не е сигурен дали ќе се најде во најдобриот сост��в во почетокот на мечот но како што вели тоа не е најважно за овој значаен меч.
„Ќе се обидам на подготовките во Скопје да се наметнам на селекторот Катанец но не е најважно кој ќе игра најважно е да победиме. Очекувам добар старт победа против Шкотска, а потоа ќе можеме да размислуваме и за мечот со Холандија. Сите во репрезентацијата очекуваме позитивен резултат, атмосферата е навистина добра, не радува одличната форма на Пандев и со малку среќа, верувам дека ќе се радуваме на успехот. |