Чилиќ го изнамачи Ѓоковиќ
Хрватот го доби првиот сет, но четиричасовната „војна“ му припадна на третиот носител на Ју-Ес опен
Третиот носител Новак Ѓоковиќ од Србија го преживеа тешкиот предизвик од хрватскиот тинејџер со силен сервис Марин Чилиќ, совладувајќи го со 6-7, 7-5, 6-4, 7-6 во ноќниот шлагер на денот, со што се пласира во осминафиналето на Отвореното првенство на САД во тенис. Освојувачот на Австралија опен, 21-годишниот Ѓоковиќ, кој во минатогодишното финале на гренд-слемот во Њујорк загуби од Роже Федерер, ги издржа силните налети од 19-годишниот Чилиќ, 30. носител и дебитант на Ју-Ес опен.
„Имав многу, многу тежок меч, па и да загубев денеска, тој ќе го заслужеше тоа“, изјави Ѓоковиќ на теренот по речиси четиричасовната „војна“ на тенискиот стадион „Артур Еш“. „Тој одигра апсолутно извонредно“.
Тие водеа остра битка во првиот сет, со долги поени што измамуваа воздишки од публиката, при што Чилиќ покажа младешка брзина и необична способност да ги спасува топките што изгледаат како сигурни винери. Обајцата спасија сет-поени во тај-брејкот пред Чилиќ да ги употреби силниот сервис и моѓните забивања за да го добие со 9-7. Во вториот сет Чилиќ спаси брејк-поен при 5-5, но му даде втора шанса на Ѓоковиќ, а овој тоа го искористи за да го освои клучниот поен и потоа да отсервира за израмнување во сетови.
„Се обидував само да останам во игра. Знаев дека има силен сервис, висок процент на првиот сервис“, изјави Србинот. „Ги искористив моите шанси, останав сконцентриран“.
Чилиќ отсервира 19 аса во мечот наспроти осумте на Ѓоковиќ, но Хрватот направи дури 12 двојни сервис-грешки наспроти само трите на противникот.
И третиот сет помина во израмнета борба, но Ѓоковиќ беше попостојан, принудувајќи го Чилиќ да трча од едниот агол до другиот. Светскиот рекет број три сервираше за победа во мечот при 5-4 во четвртиот сет и имаше две меч-топки при 40-15, но Чилиќ се спаси со извонредни ритерни на првиот сервис и со забивања потоа, што му донесоа втор тај-брејк. Во него, сепак, фаворитот не дозволи изненадување, добивајќи го максимални 7-0.
Следен противник на Ѓоковиќ ќе му биде 15. носител Томи Робредо од Шпанија.
Резултати од третото коло, мажи: Ѓоковиќ (3., Србија) - Чилиќ (30., Хрватска) 6-7 (7), 7-5, 6-4, 7-6 (0); Гонзалез (11., Чиле) - Ниеминен (Финска) 7-5, 6-4, 6-7 (3), 6-1; Робредо (15., Шпанија) - Цонга (19., Франција) 7-6 (2), 6-2, 6-3; Родик (8., САД) - Сепи (31., Италија) 6-2, 7-5, 7-6 (4); Андреев (27., Русија) - Вердаско (13., Шпан��ја) 6-2, 6-4, 6-4; Милер (Луксембург) - Алмагро (18., Шпанија) 6-7 (3), 3-6, 7-6 (5), 7-6 (6), 7-5; Федерер (2., Швајцарија) - Степанек (28., Чешка) 6-3, 6-3, 6-2; Давиденко (5., Русија) - Турсунов (26., Русија) 6-2, 7-6 (3), 6-3.
Жени, осминафинале: Дементиева (5., Русија) - Ли (Кина) 6-4, 6-1; Шнидер (15., Швајцарија) - Среботник (28., Словенија) 4-6, 6-3, 6-3; Бамер (29., Австрија) - Бартоли (12., Франција) 7-6 (3), 0-6, 6-4; Јанковиќ (2., Србија) - Вожњачки (21., Данска) 3-6, 6-2, 6-1. |