Еклстоун му посакува на Мозли добредојде назад во Формула 1
По добиената парница за секс-скандалот, претседателот на ФИА нема зошто да дава оставка, смета Берни
Првиот човек на Формула 1, Берни Еклстоун, изјави дека ќе му посака на Макс Мозли добредојде во педокот откако садомазохистичкиот секс скандал му нанесе голема штета на угледот на овој спорт. Еклстоун, кој го повика Мозли да се повлече од претседателската позиција во светската автомобилистичка федерација ФИА пред Британецот да го добие судскиот спор против таблоидот „Њуз оф д ворлд“, тврди дека бизнис-страната на спортот настрадала помалку отколку што тој очекувал.
„И јас мислев и ми кажаа дека ќе има влијание“, изјави Еклстоун за Радио Би-Би-Си. „Но, мислам дека, како и во сите вакви случаи, луѓето навистина дојдоа до заклучок оти што и да се случило со Макс, тоа се однесува на него и нема врска со никој друг, па сметам дека ним веќе не им е ни гајле“.
Еклстоун изјави дека неговото пријателство со претседателот на ФИА, кое датира од раните 1970-ти, останува исто како и порано.
„Кратко време повикував дека тој треба да даде оставка бидејќи имав голем притисок од луѓето за да кажам да се повлече“, објаснува Берни. „На многу начини во тоа време посакував тој да го стори тоа, но сега не гледам зошто би требал. Макс работи и го дава најдоброто што може за спортот, сигурно сто проценти. Сите оние луѓе што велат дека не сакаат да го сретнат Макс и не сакаат да прават ова или она... сето тоа ќе исчезне“.
Еклстоун вели дека одвај чека да му посака добредојде назад на Мозли за време на нивната следна закажана средба за време на Италијанското гран-при во Монца на 14 септември.
„Ќе му посакам добредојде“, изјави Берни. „Тој треба да се врати и да продолжи како што тоа нормално го прави“.
На 68-годишниот Мозли, чиј татко Освалд беше лидер на Британската унија на фашистите пред Втората светска војна, британски суд во јули му го одобри барањето за отштета бидејќи судијата пресуди дека „Њуз оф д ворлд“ ја нарушил неговата приватност. Макс не го негираше учеството во оргијата во нацистички стил со пет проститутки. Во април тој изјави дека доброволно ќе се повлече од врвот на ФИА во октомври наредната година, кога му завршува мандатот, но Еклстоун навестува дека тој би можел да се премисли.
„Тој и претходно има изјавувано дека ќе се повлече, па не го стори тоа“, вели 78-годишниот милијардер. |