Слатките од „Ринија“ затруја 339 лица
Осумдесет нови лица се примени на Клиниката за инфективни болести во Скопје како резултат на труењето со слатки од слаткарницата „Ринија“ во Старата скопска чаршија. Од нив, 64 се хоспитализирани, додека другите биле амбулантски третирани. Д-р Иван Видиниќ изјави дека станува збор за цревна бактерија, најверојатно салмонела.
Министерот за здравство Бујар Османи рече дека во големата акција на Дирекцијата за храна, Државниот и здравствен инспекторат и Заводите за здравствена заштита, што започнала завчера, биле прегледани 137 објекти, а 40 од нив биле затворени.
„Акцијата се спроведува, главно, заради непочитување на хигиенските стандарди во процесот на производство на храна, како и санитарниот статус на здравствените работници, кои не можел да се верификува. Акцијата продолжува и денеска и предвидуваме уште толку и повеќе објекти да се затвораат“, посочи Османи. Тој призна дека оваа акција била иницирана токму поради труењето во „Ринија“, бидејќи, како што вели, „не е можно вакви акции да се преземаат секој ден“. (Г.А.)
|