Мајка го искасапила и го испекла синот во Кочанско
Лозена Андревска го убила 32 - годишниот син Влатко, го исекла на делови и 21 ден го печела во фурна
Иван Бојаџиски
КОЧАНИ - Грозоморен настан како од најцрните хорор-филмови го потресе вчера кочанското село Оризари. Лозена Андревска (59) прво го убила, а потоа го исекла на делови 32-годишниот син Влатко. Потоа деловите од телото, на неколку пати, секој ден, цели три недели ги печела во фурна во кујната на семејната куќа. Случајот го открила самата мајка, која вчера го пријавила синот Влатко за исчезнат во кочанската полиција. Полицијата ја посетила куќата на Андревска, но таму нашла куп коски за кои било утврдено дека му припаѓале на несреќното момче. Тоа го потврдила и неговата мајка.
Вчера во Оризари и во Кочани се пронесоа повеќе верзии за трагичниот настан, каков што досега не се памети во овој дел на Македонија. Постојат две верзии за настанот. Првата верзија упатува на тоа дека мајката, при силно нервно растројство, го убила синот. Убиството го направила на 8 септември, а потоа се' до 29 септември го сечела неговото тело и дел по дел го горела во семејната печка. По секој ваков грозоморен чин, таа ги завиткувала и собирала коските во чаршаф и ги криела во куќата.
Втората верзија ја амнестира мајката како можен убиец на сопственото чедо. Според ваквите шпекулации, синот Влатко, поради низа непријатности што ги доживеал порано, а во кои имало и жртви, решил да си го одземе животот, влегувајќи во фурната. Неговото тело потоа го пронашла неговата мајка. На таков чекор, според приказните слушнати во Оризари, се одлучил поради нечистата совест. Имено, тој бил учесник во две сообраќајки во кои смртно настрадале две лица. Во првиот случај во сообраќајката која Влатко ја предизвикал загинал неговиот татко, а во втората, која исто така била по негова вина, загинало помладо лице. По втората сообраќајка однесувањето на Влатко во секојдневниот живот нагло се променило, па тој, не можејќи да го издржи тешкиот товар, на исклучително несекојдневен начин решил да си го одземе животот. Но, малкумина веруваат во ваквата верзија на случајот.
Во првото испитување во кочанската полиција, мајката Лозена кажала дека навреме не го пријавила самоубиството на синот, плашејќи се да не падне срам врз целото семејство, кое и пред тоа доживувало трагедии. Од тие причини таа го пријавила за исчезнат. Но, Лозена во селото била позната и како жена која често доживувала нервни кризи, поради што таа вчера беше сместена на Одделението за нервни болести при Општата болница во Штип, каде што психијатри ќе ја испитуваат нејзината нервна состојба.
Оризари е големо село кое до пред некое време беше и општински центар на истоимената општина. Куќата на семејството во кое се одвивала хорор-трагедијата е на влезот во селото откај Кочани. Големиот број шпекулации за грозоморната смрт на 32-годишниот Влатко треба да ги разјасни истрагата, која му е доверена на Јакимче Илиев, истражен судија при Основниот суд во Кочани.
|