Брoj 2802  петок, 03 октомври 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Санацијата помина во Сенатот на САД

Нацрт-законот ја помина првата пречка, а прославувањата би можеле да се покажат како предвремени

ВАШИНГТОН - Американскиот Сенат ја одобри новата верзија на планот од 700 милијарди долари за спасување на американскиот финансиски систем. Сенаторите гласаа со 74:25 гласа за вонредниот закон, кој предвидува да се откупат ненаплатените долгови и да се стабилизираат финансиските пазари. Планот опфаќа даночни олеснувања за семејства и компании, меѓу другите мерки, чија цел е да се придобијат скептиците.

Планот сега ќе биде доставен до Претставничкиот дом, кој со тесен број гласови отфрли сличен нацрт-закон во понеделникот. Претседателот Џорџ Буш ги поздрави лидерите на Сенатот за постигнување „витални подобрувања на спасувачкиот пакет- мерки“ и побара од Претставничкиот дом да ги одобри мерките.

Информациите за гласањето во Сенатот не ги зголемија вредностите на азиските берзи. Главниот јапонски индекс „Никеи“ заврши со намалена вредност од 1,9 проценти, а австралиските акции загубија 0,6 проценти поради стравувањата за економскиот развој. Меѓутоа, акциите во Лондон, Париз и Франкфурт беа со зголемена вредност.

Оригиналниот нацрт-план беше критикуван дека ги задоволува потребите на банкарите од Волстрит, на сметка на обичните граѓани. Помошта од 700 милијарди долари ќе се употреби за купување девалвирани активи од фирмите, со цел да се помогне стимулирањето на економијата. Откако Претставничкиот дом го отфрли нацрт-законот, политичарите додадоа можности за даночни олеснувања за малите претпријатија, и зголемување на износот на заштеди што ќе ги гарантира државата - од сто илјади на двесте и педесет илјади долари.

Се очекува Претставничкиот дом повторно да гласа за нацрт-законот денес, а претседателот Буш нагласи дека пакетот мерки е „суштински за финаниската безбедност на секој Американец“. „Американскиот народ очекува, а нашата економија бара, Претставничкиот дом да го усвои овој добар нацрт-закон неделава и да ми го испрати на потпишување“, рече тој.

Секретарот за финансии, Хенри Полсон, архитект на првичниот нацрт-план кој беше критикуван поради неуспехот, беше охрабрен од гласањето во Сенатот. „Тоа испраќа позитивен сигнал дека сме подготвени да ја заштитиме американската економија, обезбедувајќи услови дека Американците имаат пристап до кредитите, што е потребно за да се отворат работни места и да работат компаниит��“, рече тој.

Американските претседателски кандидати, Џон Мекејн и Барак Обама, кои се вратија од кампањите заради дебатата, гласаа за планот за спасување. Лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Хери Рид, рече дека е задоволен од резултатот и ги поздрави двајцата претседателски кандидати, бидејќи гласаа. „Мислам дека тоа покажува оти кога работиме заедно можеме да постигнеме добри работи“, рече тој. Мич Меконел, лидер на републиканските сенатори, исто така, беше воодушевен. „Тоа беше многу потребна мерка, за да се одмрзнат кредитните пазари и да се поттикне американската економија повторно да работи“, рече тој.

Меѓутоа, нацрт-законот ја помина само првата пречка, а прославувањата би можеле да се покажат како предвремени. Дали новата верзија на планот за спасување ќе биде поприфатлива за законодавците во Претставничкиот дом?

За многу републиканци од Претставничкиот дом, стариот нацрт-закон беше премногу горчлива пилула, бидејќи се сметаше како план за спасување на Волстрит. Гласачите не го посакуваа тоа многу и им го дадоа до знаење на нивните претставници. Затоа Сенатот го смени текстот. Новиот нацрт-закон е пошироко економско олеснување, односно помош наменета, не толку многу за неодговорните банкари, туку за обичните Американци, и претставува спасување повеќе за Мејнстрит наместо само за Волстрит. Покрај текстот, има и други важни промени. Новата верзија на нацрт-законот го зголемува осигурувањето што го имаат потрошувачите на нивните заштеди. Износот што ќе го гарантира владата во кои било индивидуални банкарски сметки ќе се движи од 100 до 250 илјади долари за следната година.

Нацрт-законот е замислен да ги привлече и демократите и републиканците. Одлуката беше широко поздравена, иако крајниот резултат би можел да биде поголема цена за банките. Тие ќе треба да плаќаат повисоки премии за осигурување, за да го поткрепат фондот за осигурување. Таканаречените „сини кучиња демократи“ во Претставничкиот дом - оние кои се фискално поконзервативни - сакаат да знаат како ќе бидат финансирани тие даночни олеснувања. Тие долго време расправаа дека даночните олеснувања ќе немаат смисла ако го зголемуваат федералниот дефицит. Лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом, Стени Хојер, рече дека е лут поради даночните намалувања, но не кажа дека нема да го поддржи нацрт-законот.

Новиот нацрт-закон, всушност, има знаци на политички компромис, при што и демократите и републиканците се обидуваат да ги остават настрана нивните партиски разлики во интерес на земјата. Тоа функционираше за Сенатот - и можеби ќе го убеди и Претставничкиот дом.

Секако, многу е потешко Претставничкиот дом да се изјасни „против“ по втор пат. Се претпоставува кој би бил обвинет ако се влоши финансиската криза? Покрај тоа, има политички притисок од Белата куќа. Деновиве тоа нема голема важност. Претходната интервенција на претседателот Буш успеа да убеди само неколку републикански законодавци во неговата матична држава Тексас да го поддржат оригиналниот нацрт-закон. Но, најновите информации од неговите советници се дека по телефонските разговори во последните неколку дена тој успеал да убеди други четворица републиканци. Тоа се' уште не е доволно.

Меѓутоа, атмосферата е попозитивна отколку пред една недела. Републиканските законодавци истакнуваат дека повиците од јавноста до нивните канцеларии сега се помалку жестоки, спротивно на спасувачкиот пакет-мерки. Минатата недела беа против околу 90 отсто, а сега се речиси педесет-педесет.

Како би изгледал финансискиот армагедон? Многу луѓе ја споредуваат тековната финансиска криза со падот на Волстрит во 1929 година и големата депресија во 30-тите години што следуваше потоа. Сепак, сегашните настани очигледно не се од ист тип.

„Не мислам така, имајќи предвид дека големата депресија предизвика пропаѓање на илјадници банки, луѓето ги загубија животните заштеди, имаше невработеност од 25 проценти и социјални безредија, како и импровизирани населби под шатори за сиромашните“, вели Ален Слоун, колумнист на „Вашингтон пост“ и на списанието „Форчун“.

Американската влада може да потроши илјади милијарди долари за справување со проблемите, но досега, во услови кога невработеноста е околу шест проценти и се водат дискусии дали американската економија е во рецесија, се чини безначајно да се спомнува тековната криза во истата реченица како и големата депресија. Колку и да изгледаат работите лошо во моментот, тие би можеле да бидат многу полоши. „Фајненшел тајмс“ се осврнува на закрепнувањата на берзите минатиот петок како означување на крајот на „отфрлање на армагедон“. Сепак, пазарите повторно паѓаа во понеделникот, што укажува дека инвеститорите можеби не отфрлаат армагедон. Тогаш како би изгледало тоа?

„Тоа би било како преувеличена верзија од минатата недела“, вели берзанскиот историчар Дејвид Шварц. „Ќе има заплашувачки информации, исплашени инвеститори и написи во кои ќе се сугерира дека е дојден крајот на светот“. Исто така, ќе има продлабочување на видовите компании кои ќе пропаднат. Досега многу од фирмите кои пропаднаа се во финансискиот сектор, но ако работите се влошат ќе има многу други чувствителни сектори.

Аналитичарите внимателно ги следат повеќето мошне задолжени компании, бидејќи постои загриженост дека ако банките не го обноват меѓусебното позајмување, тогаш тие ќе бидат погодени. Секако, пропаѓање на повеќе компании би значело големи загуби на работни места. Во тековната криза, се' уште постои релативно силна доверба во банките и финансискиот систем како целина. Сите тие се мрачни изгледи, но секогаш се јавува моментот кога економијата го допира дното и работите почнуваат да се подобруваат. (Би-Би-Си)


Статијата е прочитана 286 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Дотраено здравство
Зденко
Македонија има лидери, но нема лидерство
Огромно интересирање за влезници за концертот посветен на Тоше
Одлуката за прием во НАТО нема да се смени
Претходен број
Промената на „Браќа Манаки“ треба да биде транспарентна
Фијаско на лидерската средба
Verbatim
Под вулканот
Мајка го искасапила и го испекла синот во Кочанско
Матна продажба
Родителите на 1.500 основци ќе заработат прекршочна пријава
Не е Бајрам, Бранко е
Слатките од „Ринија“ затруја 339 лица
Неколку дилеми за религиското образование