Ставрев ќе суди во Молдавија со дури петмина помошници!
Не, не е шега. Нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев на 1 октомври ќе го суди мечот во Кишињев, во Молдавија меѓу домашниот Шериф и турскиот Бешикташ во рамките на новоформираната Европска лига и тоа со пет помошници, сите од Македонија. Судиската комисија на УЕФА годинава во Европската лига го почнува експериментот еден натпревар да го судат дури шестмина судии, од кои еден главен и пет негови помошници.
Оваа новина во Европската лига за првпат ќе ја примени и Ставрев на мечот Шериф-Бешикташ. Ќе му помагаат помошните судии Марјан Кировски и Љубомир Крстевски покрај аут линиите, зад головите, на домаќините и гостите ќе има уште двајца судии, Горан Спиркоски и Димитар Мечкаровски, кои ќе треба, според новите судиски правила да бидат постојано во контакт со главниот судија и да го известуваат што се има случено во шеснаесетниците во случај на спорни ситуации - недосуден или досуден пенал, прекршок над голманот, дали топката ја минала гол линијата...
И последен како четврти судија порано или сега шести, кој ќе биде тука за да врши измени, да покажува колку ќе се игра судиското продолжение ќе биде Марјан Марковски од Струга. Сите шестмина судии ќе можат да контактираат преку бежична радио врска.
Колку овој експеримент ќе го чини УЕФА. Парично навистина многу, колку сето ова ќе биде во интерес на квалитетно судење, со помалку судиски грешки, останува да видиме ккога ќе завршат натпреварите во Европската лига. Инаку, оваа судиска новина не се однесува за натпреварите во Лигата на шампионите.
Да потсетиме, пред неколку дена Ставрев се врати од Ереван каде го судеше квалификациониот меч од групите за настап на Светското првенство меѓу Ерменија и Белгија (2:1). (М.М.) |