Број 3086  вторник, 15 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter
Спорт

Клајстерс ја комплетира бајката во Њујорк

Белгијката го освои Ју-Ес опен и стана прва мајка со гренд-слем титула по Голагонг на Вимлбдон во 1980

Држејќи ја ќерка си Џејда во едната рака, а сребрениот трофеј во другата, Ким Клајстерс докажа дека мајчинството и спортската брилијантност можат да одат рака под рака, освојувајќи ја својата втора титула на Ју-Ес опен. Никогаш досега русокосо 18-месечно девојче не го има украдено шоуто на стадионот „Артур Еш“, но тоа не беше обичен ден на Флешинг медоуз. Тоа беше ден кога Белгијката со вајлд-карта ја победи данската тинејџерка Каролина Вожњацки со 7-5, 6-3 и стана првата мајка со титула од гренд-слем по Евон Голагонг, на која тоа и' успеа пред речиси три децении - на Вимблдон 1980.

„Го одложивме нејзиното време за спиење за малку подоцна, па таа можеше да биде тука денеска. Да се биде мајка е најубавото чувство на светот“, со насолзени очи Клајстерс и' се обрати на публиката која и' отпоздравуваше со овации по нејзиниот емотивен кам-бек со триумф на гренд-слемот на тврда подлога.

Вожњацки, која претендираше да стане првата Данка што освоила гренд-слем титула, изјави: „Таа е толку добра девојка. За жал, ме победи денеска. Одигра извонреден меч и го заслужи овој трофеј“.

„Патувањето“ што почна со бебешките чекори што минатиот месец ги правеше Белгијката во своето враќање во врвниот тенис по двегодишната пауза направи цел круг за само 35 дена со нејзината втора титула на Отвореното првенство на САД.

„Чудесно. Нејзината извонредна серија е фантастична. Ова е голема приказна за женскиот тенис, сигурно“, изјави Роже Федерер, кој, како тазе татко на близначки, во синоќешното машко финале со Хуан Мартин дел Потро од Аргентина требаше да покаже дека татковците исто така можат да владеат со светот на тенисот. За светскиот рекет број еден тоа би била рекордна шеста титула во низа на опенот во Њујорк.

И Швајцарецот измами воздишки на трибините со волшебниот потег во самиот финиш од полуфиналниот дуел со Србинот Новак Ѓоковиќ, кога, завртен со грбот кон мрежата и блиску до основната линија, со удар меѓу нозе направи неверојатен винер што му донесе меч-поен. Потоа ја искористи веќе првата можност за победа над четвртиот носител од 7-6, 7-5, 7-5.

„Тоа е неверојатно. Тоа беше најдобриот удар што сум го погодил во животот“, рече Федерер во интервјуто покрај теренот, гледајќи ја повторената снимка на големиот екран на стадионот.

Дел Потро, пак, ја извојува најголемата победа во животот кога го „демолира“ Рафаел Надал со 6-2, 6-2, 6-2 и се избори за своето прво гренд-слем финале, но веднаш му беше јасно дека спречи финале од соништата Федерер - Надал.

„Жал ми е“, и' се обрати на публиката Дел Потро.

Како што денот преминуваше во ноќ, каков и да е сентимент за разнишаниот Надал брзо беше заборавен кога Клајстерс излезе на сцената под рефлекторите. Помалку од 24 часа откако ја продолжи бајката со победата над бранителката на трофејот Серена Вилијамс, таа допиша хепиенд на својата сторија. Откако и' беше одземена можноста самата да си ја обезбеди победата во саботното полуфинале, кога натпреварот со Американката заврши бизарно - со казнен поен за Серена што автоматски и' донесе победа на Клајстерс, Ким стави на знаење дека никој не може да и' го одземе моментумот во неделата. Мечот не беше класика, бидејќи среќата преминуваше од едната на другата страна во првиот сет обележан со дури седум брејка, но тензијата потраја на ветровитата арена кога речиси 23.000 фанови и' се поклонија на Клајстерс.

Обожавателката на Хари Потер, Вожњацки, накратко и' покажа заби на Клајстерс, поведувајќи со 4-2 во првиот сет, но уште побрзо остана без трикови и ја загуби предноста со двојната сервис-грешка во осмиот гем. Од тој момент па до крајот на мечот се виде дека 26-годишната Клајстерс не може да биде спречена. На 5-3 во вториот сет, прецизниот форхенд во аголот и' донесе меч-топка. При следната размена, на Клајстерс и' се насолзија очите кога виде како бекхенд-спинот на Вожњачки оди високо во воздухот и завршува во мрежата, по што Белгијката падна на колена, не верувајќи што успеа да направи. Кога повторно му го покажа на светот своето лице, солзите се тркалаа низ образите на жената што успеа да ја одбрани својата титула, имајќи предвид дека го освои трофејот и во својот последен настап во Њујорк во 2005 година. Таа веднаш се искачи на трибината за да го бакне сопругот Брајан, момент што не остана незабележан од нивната ќерка Џејда, која ги гледаше мама и тато на големиот екран.

„Немам зборови. Едноставно, мило ми е што се вратив за да ја одбранам мојата титула од 2005. Тоа е толку возбудливо за мене“, изјави Клајстерс, која до финалето немаше ранкинг со оглед на тоа дека нејзиниот кам-бек е стар само три турнира. „Треба да и' се заблагодарам на Тениската асоцијација на САД (УСТА) што ми даде вајлд-карта за да се вратам тука. Самото враќање овде ми значи многу, а убаво е чувството и да се види колку топло добредојде ми посакаа сите“, дополни првата тенисерка со покана од организаторот што го освоила Ју-Ес опен. „Тоа, дефинитивно, ми помогна за да продолжам да се борам и да останам фокусирана на теренот. Посебно во последните неколку меча, во кои противничките станаа доста потешки“.

СЕРЕНА КАЗНЕТА СО 10.500 ДОЛАРИ



Серена Вилијамс е казнета со 10.500 долари од службените лица на Ју-Ес опен за својот излив на бес за време на загубениот полуфинален дуел со Ким Клајстерс. Американката беше казнета на меч-топка за упатената експлицитна закана до линиската судијка, која и' досуди фут-фолт. Казнениот поен автоматски значеше и крај на мечот.

„Максималната казна од 10.000 долари за неспортски потег и' е изречена на Серена Вилијамс за нејзиното однесување на теренот во текот на женското полуфинале“, се вели во соопштението на службените лица на турнирот. „Госпоѓица Вилијамс ќе биде казнета и со 500 долари за кршењето рекет што се случи на крајот од првиот сет од истиот меч“.


#
Статијата е прочитана 209 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Спорт
Руски рулет за македонските кошаркари
Репеша
Само Работнички и Силекс без пораз сезонава
Ставрев ќе суди во Молдавија со дури петмина помошници!
Триумфален крај на сезоната од сништата за Болт
Челзи и традицијата против Порто во Лигата на шампиони
Јосифоска скокна 72 места на ВТА-листата, на која сега е 503.