Само Работнички и Силекс без пораз сезонава
Фудбалерите на Работнички ја урнаа тврдината во Турново и го победија Хоризонт со 2:0
Миодраг Мицковиќ
Дури три средби во петтото коло завршија без победник две дури и без голови. Карактеристиката на неделното коло е победата на Работнички, чии фудбалери, инаку најсериозни кандидати за титулата успеаја да ја урнат фудбалската тврдина во Турново во мечот со Хоризонт. Тимот на успешниот спонзор Орце Тодоров, кој цели 17 месеци не знаеше за пораз на свој терен, мораше со наведнати глави да го напушти игралиштето по мечот со далеку подобриот противник. Работнички, предводен од тренерот Зоран Стратев, имаше само еден кикс на стартот на новото првенство, ремизираше несреќно, иако имаше десетина шанси со Металург 1:1, потоа забележа четири последователни победи и се зацврсти на врвот на табелата.
Покрај Работнички и играчите на Силекс се' уште ја немаат почувствувано горчината на поразот иако во новото првенство имаат многу послаба екипа од лани. Три нерешени игри и две победи, биланс кој сигурно не го очекуваа кратовчаните. Но, што е, тука е, засега туркаат добро и тренерот Ане Андовски може да биде задоволен.
Што да се рече и напише за Вардар. Имаа шанси неговите фудбалери да ја совладааат никогаш послбаа Победа, но на крајот, дури можат да бидат задоволни со оглед дека во финишот на мечот прилепчани имаа голема шанса која не беше искористена, но затоа вардарецот Џангаровски заработи црвен картон кога го сопре опасниот прилепски напаѓач Чурлинов за да не постигне гол.
Ренова сигурно не е задоволна со бод на стадионот под Тумбе Кафе. Тетовчаните очекуваа полн погодок, но нивната радост во водството од 1:0 ја скуси младиот Аце Вељановски со убав погодок само што влезе во играта.
„Жолтите“ од Ѓорче Петров почнаа да се будат од летниот сон, ја прегазија Слога Југомагнат, која засилена со Аломеровиќ се надеваше на подвиг во мечот со се' уште актуелниот шампион. Но, напаѓачите на Макеоднија беа расположени за голови и како на претходната средба со Вардар, им ја наполнија и мрежата на чаирчаните. |