Триумфален крај на сезоната од сништата за Болт
Светскиот рекордер победи на 200 м на Светското атлетско финале во Солун со 19,68 сек.
Јамајчанецот Јусеин Болт ја заокружи сезоната од сништата со победа на 200 м на Светското атлетско финале во Солун. Светскиот и олимписки шампион на 100 м и на 200 м се чинеше дека ќе урне уште еден светски рекорд, но забави во последните метри и влезе низ целта по 19,68 сек., што е резултат полош за 49 стотинки од тој што го оствари на неодамнешното Светско првенство во Берлин.
„Среќен сум што заврши сезоната, во која поминав добро и останав неповреден“, изјави 23-годишниот Болт. „Финишот не беше така планиран. Бев по малку уморен. Ги дадов последните атоми од силите“.
Наспроти подобрувањето на своите светски рекорди на 100 м и на 200 м на Светското првенство, Болт го означи златото на Јамајка во спринтот во Берлин како свој врв во 2009 година.
„Моментот што навистина се издвојува кога ќе погледнам наназад е штафетата 4х100 м“, вели тој. „Како тим бевме единствени и многу се забавувавме. Тоа ми остави извонредно чувство“.
Во својот последен настап годинава Болт ја забавуваше публиката што го исполни стадионот до последното место, имитирајќи свирење со гитара додека од озвучувањето ечеше музика од филмот „Гркот Зорба“ пред почетокот на трката. „Бронзениот“ од СП, Валас Спирмон од САД, заврши втор со време 20,21 сек., а Брендон Кристијан од Антигва го освои третото место со 20,65 сек.
Болт сега ќе земе одмор од шест недели.
„Искрено, нема да правам ништо освен што ќе си заминам дома за малку да поспијам и да се одморам“, изјави тој.
Прашан дали размислува да се испроба на 400 м или во скок во далечина, Болт одговори дека го претпочита второто.
„Се' уште не сум разговарал со мојот тренер и со агентот за тоа што ќе правиме следната година. Сите заедно ќе седнеме една недела пред стартот на новата сезона и тогаш ќе поразговараме за тоа“, објасни тој. „Јас дефинитивно го преферирам скокот во далечина“.
Светскиот првак во оваа дисциплина Двајт Филипс го прифати предизвикот откако заврши втор, зад Фабрис Лапјер од Австралија, кој победи со скок од 8,33 м. Филипс беше покус за девет сантиметри.
„Немам од што да се плашам“, изјави Филипс. Имам освоено се', па нека дојде �� Болт“.
Американката Кармелита Џетер победи на 100 м со трет резултат на сите времиња од 10,67 сек., а хрватската скокачка во височина, светската шампионка Бланка Влашиќ, славеше во својата дисциплина со 2,04 м. Таа беше блиску во сите три обиди засоборување на светскиот рекорд од 2,09 м на Стефка Костадинова, стар 22 години, но не успеа на височина од 2,10 м.
Ана Вилард од САД го искористи отсуството на светската првенка на 800 м, Кастер Семенја, Јужноафриканка во центарот на контроверзијата со нејзиниот пол, победувајќи со скромно време од 2:00,20 мин. |