Замрзнат договорот со Турција
ЕРЕВАН - Владејачката коалиција на Ерменија вчера соопшти дека донела одлука за замрзнување на ратификацијата на договорот со Турција во парламентот, што има цел да се нормализираат односите меѓу овие два историски непријатели. Ерменија и Турција во октомври минатата година потпишаа договори, со цел да се надмине наследството од масовните убиства на Ерменци од страна на отомански Турци во Првата светска војна, но атмосферата во последниве неколку месеци се заостри, така што се зголемија сомневањата за тоа кога ќе бидат ратификувани. „Земајќи го предвид одбивањето од турската страна да го исполни барањето за ратификување на договорот без предуслови во разумно време, правејќи го на тој начин продолжувањето на процесот за ратификација во националниот парламент ирелевантен, ние сметаме дека е неопходно да се суспендира овој процес“, се наведува во соопштението.
Според договорот, Ерменија и Турција се согласија да воспостават дипломатски односи и да ја отворат границата за два месеца по парламентарното ратификување. Протоколите се соочуваат со опозиција од сојузникот на Турција, Азербејџан, во кој мнозинското население се муслимани. (Ројтерс) |