Папата прифати оставка на трет ирски бискуп
ВАТИКАН - Папата Бенедикт ја прифати оставката на бискупот Џејмс Моријати, соопшти вчера Ватикан, со што бројот на ирски бискупи кои се повлекуваат поради скандалот со сексуално злоставување се зголеми на тројца. Моријати ја поднесе оставката во декември откако неговото име беше наведено во официјален извештај, меѓу црковните лидери од Даблинската надбискупска диоцеза кои 30 години ги прикривале случаите на сексуално малтретирање деца од страна на свештеници. Тој беше помошник-надбискуп на Даблин од 1991 година се' до неговото именување за бискуп на Килдер и Лилин во 2002 година.
Стотици случаи на сексуално и физичко малтретирање малолетници во последниве децении од страна на свештеници беа обелоденети во Европа и во САД овој месец откако објавувањето на информациите ги поттикна жртвите кои долго молчеа конечно да излезат во јавност со своите поплаки.
Бискупот од Аугсбург во јужниот дел на Германија понуди оставка, по обвинувањата дека тепал деца, изјавија официјални лица. Се наведува дека бискупот Валтер Микса, во писмото со кое ја поднесува оставката, му кажал на папата дека неговата диецеза има потреба од „нов почеток“. Бискупот на почетокот негираше дека тепал деца, пред да каже дека можеби им удрил шлаканици и потоа се извини. Серија обвиненија за злоупотреби во Европа и пошироко ја погодија Римокатоличката црква во последните неколку месеци. Бискупот Микса беше обвинет дека физички малтретирал деца во Католичкиот дом за деца во 1970-тите и во 1980-тите години. Тој не е обвинет за сексуално злоупотребување.
Голем број од тврдењата што се појавија во последно време во Германија и во други земји се однесуваат на сексуално злоупотребување деца. Специјален иследник, исто така, потврди и финансиски нерегуларности во домот за деца, за кој бил одговорен бискупот Микса. „Барам прошка од сите оние кон кои можеби сум бил неправеден и од оние на кои можеби сум им предизвикал тага“, му напиша во средата бискупот на папата Бенедикт Шеснаесетти, според цитатите објавени од страна на весникот „Аугсбургер алгемане“. Тој додаде дека бил „целосно свесен“ за сопствената „слабост“.
Бискупот, исто така, на почетокот од оваа недела излезе со извинување велејќи дека „жали за предизвиканат�� тага кај голем број луѓе“ без дополнително да елаборира. Веднаш не беше јасно дали папата Бенедикт Шеснаесетти ќе ја прифати неговата оставка. Во средата папата вети дека „ќе преземе акција“ околу злоупотребите на деца од страна на свештеници, во најдиректните коментари досега за неодамнешните тврдења. (Би-Би-Си) |