Пристоен пораз на ватерполистите во Белград
Македонија изгуби со 10:6 од бранителот на трофејот Србија на стартот од Светската лига
Роберт Димитриевски
Сашко Поповски дебитира како селектор на македонската ватерполо репрезентација со најнискиот пораз во досегашните дуели со светскиот шампион, петкратен освојувач на Светската лига и бронзен медалист од последното Европско првенство, селекцијата на Србија. По резултатските катастрофи од 23:6 на ЕП 2008 во Малага и од 19:9 на ЕП 2010 во Загреб, Македонија изгуби со 10:6 во Белград во почетокот од своето второ учество во Светската лига. И овој пат, како и на еврошампионатот во Хрватска на крајот од летото, во последната четвртина беше нерешено, тогаш 6:6, сега 2:2, а преостанатите три периоди по осум минути Србите ги добија со 1:0, 4:3 и 3:1. Соседската пресметка во базенот „Ташмајдан“ повеќе личеше на пријателски дуел, за што зборуваат вкупно само петте исклучувања, од кои првото дури во третата четвртина. Македонските ватерполисти солидно им парираа на српските, за што голема заслуга има голманот Перчиниќ со низата успешни одбрани, па резултатот се движеше на подносливо ниво за аутсајдерот во овој меч. Кречковиќ во втората четвртина израмни на 1:1, нешто подоцна Вуксановиќ од пенал и Рачуница намалија на 4:3. Со серија од три гола, прво на Вуксановиќ во третиот период, а потоа и на Бениќ и на младиот играч на Работнички, Милановиќ, од контранапад во последната четвртина, Македонија се доближи до 6:8. Најефикасниот играч на мечот со пет погодоци, Прлаиновиќ, а по него и најдобриот светски ватерполист Удовичиќ, ставија точка на резултатот.
Во другиот натпревар од првата група Германија ја изненади Шпанија, совладувајќи ја на гости со 12:11 по изведувањето петерци, откако во основниот дел мечот заврши 9:9. Токму светскиот вицешампион Шпанија е следниот противник на Македонија во Светската лига на 7 декември во Скопје. Два дена претходно со „црвената фурија“, исто така, на олимписки базен „Центар“ ќе се одигра и средбата од квалификациите за ЕП 2012 во Ајндховен.
Само победниците на трите групи ќе изборат место на турнирот на осумте најдобри во Светската лига што следното лето ќе се одигра во Филаделфија.
Србија - Македонија 10:6
По четвртини: 1:0, 4:3, 3:1, 2:2. Базен: „Ташмајдан“ во Белград. Гледачи: 1.000. Судии: Филиксач од Турција и Клопер од Холандија. Петерци: Србија /, Македонија 1/1. Исклучувања: Србија 3, Македонија 2.
Србија: Соро, Аврамовиќ, Гоциќ, Удовичиќ 1, Вапенски 1, Д. Пијетловиќ, Никиќ 1, Алексиќ 1, Раѓен, Филиповиќ 1, Прлаиновиќ 5, Митровиќ, Г. Пијетловиќ. Селектор: Дејан Удовичиќ.
Македонија: Перчиниќ, Јаневски, Рачуница 1, Вуксановиќ 2 (1), Димовски, Босанчиќ, Кречковиќ 1, Делаш, Белев, Милановиќ 1, Латковиќ, Арсовски, Бениќ 1. Селектор: Сашко Поповски.
ГЕРМАНЦИТЕ СЛАВЕА ВО ШПАНИЈА
Прва група: Србија - Македонија 10:6 (1:0, 4:3, 3:1, 2:2), Шпанија - Германија 11:12 (4:3, 1:1, 3:1, 1:4, 2:3). Табела: Србија 3, Германија 2, Шпанија 1, Македонија 0. Следно коло: Македонија - Шпанија, Германија - Србија.
Втора група: Црна Гора - Турција 16:2 (5:1, 5:1, 2:0, 4:0), Русија - Романија 7:8 (3:3, 2:1, 1:3, 1:1). Табела: Црна Гора 3, Романија 3, Русија 0, Турција 0. Следно коло: Романија - Црна Гора, Турција - Русија.
Трета група: Хрватска - Холандија 14:7 (4:0, 3:2, 2:3, 6:2), Италија - Грција 11:6 (4:3, 2:1, 4:0, 1:2). Табела: Хрватска 3, Италија 3, Грција 0, Холандија 0. Следно коло: Грција - Хрватска, Холандија - Италија. |