Фудбалските надежи лесно со Мали
Избраниците на Бабунски славеа со 3:1 во пријателскиот меч со составот од Африка
Младата фудбалска репрезентација на Македонија, играчи до 21 година, во пријателски меч без проблеми и без поголеми напори ја совладаа соодветната селекција на Мали на стадионот „Филип Втори“ во Скопје со 3:1 (2:0). Ова беше нов состав на младата репрезентација што ќе ја претставува Македонија во наредниот циклус за Европското првенство што ја подготвува селекторот Бобан Бабунски. Тешко е овој натпревар да се заклучи колку е силна оваа наша селекција, бидејќи противникот, фудбалерите на Мали не беа достоен противник и доколку нашите фудбалери играа поангажирано можеа да забележат и повисока победа. Пропуштија многу слободни шанси, кога видоа со каков противник имаат работа и не се залагаа многу. Можеби грешка беше што овој меч се одигра на нашиот најголем стадион, бидејќи некаде околу 300 гледачи се изгубија на трибините и, според наше мислење, требаше да се одигра на некој помал стадион во друг град во нашата држава.
Во нашата селекција се истакна Алтипармаковски, кој постигна два гола, многу убави. Првиот во 14. минута, а потоа со негов удар Македонија во 33. минута поведе со 2:0. Високата победа беше обезбедена во 56 м со голот на Хасани, кој многу снаодливо и убаво го лобуваше гостинскиот голман. Фудбалерите на Мали во 75. минута од пенал го намалија резултатот, но тоа беше се' што успеаја да направат на овој меч.
Македонија играше во состав: Гачески (Стојановиќ), Брдароски, Урдинов (К. Ристевски), Богдановиќ (Митревски), Мециновиќ, Ан. Станков (Дурански), Спировски, С. Ристевски (Јовановски), Алтипармаковски (Ал. Станков), Несторовски (Силјановски), Хасани. (М.М.) |