Мекинро: Никој како Надал
Некогашниот светски рекет број еден Џон Мекинро смета дека ни Роже Федерер не може да се спореди со Рафаел Надал. Во екот на дебатата кој е подобар тенисер, Мекинро вели дека единствен ривал на Надал во спортска смисла е неговиот стар спаринг-партнер Бјорн Борг.
„Двајцата најголеми тенисери на сите времиња се Бјорн Борг и Рафаел Надал“, изјави Американецот, кој се' уште настапува на турнирите за ветерани, а работи и како коментатор, во Катар придружуван од Борг и од Романецот Илие Настасе. „Федерер е еден од најголемите играчи во историјата, но сметам дека тој не е толку добар како спомнатите двајца“.
Федерер, кој има рекордни 16 гренд-слем титули наспроти деветте на Надал, ќе има можност да го продолжи своето ривалство со Шпанецот во лондонската „О-2 арена“ на завршниот турнир на АТП Ворлд тур што ќе почне в недела. Надал, кој е подготвен за финалето на сезоната откако го пропушти мастерсот во Париз поради повреда на рамото, веќе го има обезбедено првото место на АТП-листата за годинава со освојувањето на три од четирите гренд-слеми, со што го фрли во сенка Федерер.
Петкратниот освојувач на Вимблдон, Борг, верува дека Шпанецот ќе ја продолжи својата доминација во следната сезона.
„Тој се' уште е на врвот. Ако остане здрав и мотивиран, може да владее уште долго време“, вели Швеѓанецот.
Светскиот рекет број два Федерер во почетокот на месецот го освои својот 65. АТП-турнир, со што го престигна Пит Сампрас, но пред него и натаму се Џими Конорс, Иван Лендл и Мекинро според бројот на освоени турнири во кариерата. |