Гечевски и Ајверсон со наведнати глави во Еврокупот
Македонскиот центар изгуби со ПАОК на гост кај Естудијантес, а Американецот во дебито за Бешикташ против Хемофарм
Турција, конечно, го дочека дебито на контроверзниот Алан Ајверсон за Бешикташ. Но, иако бившиот играч на Филаделфија, каде што помина славни 14 години (го носеше дресот и на Денвер, Детроит и Мемфис) постигна 15 коша за 24 минути поминати на паркетот (1/6 за два, 3/4 за три и 4/6 од слободни фрлања), турскиот претставник изгуби од Хемофарм на свој терен 91:94 во рамките на групата Б од Еврокупот. Токму, Ајверсон и Цетин ги промашија обидите од три поени за продолженија.
Како и да е, во овој премиерен меч од групната фаза клучна беше последната четвртина во која гостите од Србија славеа со 31:22. Одлична партија прикажаа Милан Мачван, кој постигна 17 коша, како и Павковиќ (16), Мустафа (15) и Борисов (14).
Речиси идентичен учинок имаше и македонскиот центар Тодор Гечевски во поразот на својот ПАОК од 77:88 на гостувањето кај Естудијантес. Тој мина близу 22 минути на паркетот во кои реализираше како и Ајверсон 15 коша (7/7 за два, 0/3 за три, и 1/1 од слободни фрлања).
Најефикасен кај ПАОК беше Лазарос Пападопулос со 24 коша, додека кај домаќините тоа беа Италијанецот Хернан Јасен со 16 коша, Канер Медли со 13 и Џош Аселин со 12. (Н.К) |