Битолчани ќе плаќаат ем поскапа вода ем кредит
БИТОЛА - Жителите на Битола ќе плаќаат ем поскапа вода ем кредит. Кубикот вода за битолчани поскапе за 117 отсто од сегашната цена. Тие најверојатно ќе го отплатуваат и кредитот од два милиона евра од банката КЕФ, што ќе биде наменет за модернизирање на водоводниот систем во градот. Со вакви предупредувања излезе битолската опозиција по Предлог- законот осум градови во Македонија да земат кредит од оваа банка за комуналните претпријатија со грејс-период од десет години. Она на што сега се чека е дали Владата ќе застане како гаранција за кредитот. Во меѓувреме, опозицијата во Битола реагира и сугерира во случај ако граѓаните се задолжат со кредит за Јавното претпријатие „Водовод“, тогаш да се одложи поскапувањето на водата во градот.
„Доколку се оди со опцијата добивање кредит од германската банка, тогаш да се отповика одлуката за зголемување на цената на водата. Или, ако се зголемува цената, тогаш да се откажеме од кредитот што е предвиден во оваа проекција“, побара Томе Наумов од опозиционата СДСМ во Битола.
Од ЈП „Водовод“ во Битола велат дека се заинтересирани за кредитот кој ќе биде наменет за набавка на водомери со далечинско отчитување. За нив единствен услов да се врати кредитот е да се зголеми цената на водата.
„Доколку Владата го усвои законот и ако понуди добри услови ќе размислиме што со тие пари и дали ќе има ефект од поскапувањето на водата. Во анализите на банката беше наведено дека ако се земе кредитот мора да се зголеми цената на водата за да може да се вратат тие средства. Значи, водата секако ќе поскапи“, смета Зоран Илиоски, директор на ЈП „Водовод“ - Битола.
Советот на општина Битола неодамна ја усвои одлуката за поскапување на цената на водата, која треба да стартува од првиот ден од 2010 година.
Опозицијата жестоко се спротивстави на ваквата одлука и не гласаше. (А.Б.) |