Масовно искачување на Голем Кораб
ГОСТИВАР - „Мамо, се искачив на Кораб“ е мотото на годинешната манифестација масовно искачување на врвот на Голем Кораб (2.864 м), што се одржува по 18. пат во чест на 8 Септември - Денот на самостојноста и независноста на Македонија.
Според програмата, искачувањето почнува на 6 септември (недела), во 9 часот од платото на караулата „Победа во месноста Штировица“, на подножјето на Кораб, на надморска височина од 1.280 м, а во 15 часот учесниците се враќаат во базата. Планинарската патека долга 18.160 метри во двата правци е обележана.
Во далечната 1991 година, токму на денот кога се одржуваше референдум, група планинари се искачи на Голем Кораб, како симболика за успехот на изјаснувањето. Оттогаш, традиционално, секоја година се организира масовен планинарски марш на планината Кораб. (К.К.)
|