Канското време на ветераните
Канскиот фестивал е многу променет, вели Волкер Шлендорф, но неговиот дух е ист
Сунчица Уневска
Годинешниот 63. Кански филмски фестивал, кој се одржа од 12 до 23 мај, помина целосно во знакот на ветераните. Иако наградите ги одминаа големите авторски имиња како Мајк Ли, кој беше и најголемиот фаворит, потоа Абас Кијаростами, Такеши Китано и Никита Михалков, сепак, она што може да се издвои како годинашно обележје на фестивалот, дефинитивно, е присуството и филмските дела на ветераните. И тоа, не само новите дела, кои беа вклучени во главната програма или прикажани надвор од конкуренција, туку и оние што беа вклучени во програмата на филмските класици, на која Канскиот фестивал и посветува особено внимание. Имено, покрај споменатите во Кан беа прикажани и новите остварувања на Стивен Фрирс, Оливер Стоун, Вуди Ален, Жан Лик Годар, Бертран Таверние, но и класиците „Бакнежот на жената пајак“ на Хектор Бабенко и „Лимениот барабан“ на Волкер Шлендорф.
Познатиот британски автор Стивен Фрирс ја изненади публиката со својот филм „Тамара Дру“, направен според графичката новела на Пози Симондс, која е познат цртач на стрипови во „Гардијан“. Запрашан зошто се определил да ја филмува оваа графичка новела, Фрирс рече дека тој со години е одушевен од светот кој низ своите стрипови го создава Пози Симондс. Тој дури рече дека Пози е вистинско национално богатство, дека таа креирала комплетен универзум. А токму тука тој ја наоѓа сличноста меѓу нив, бидејќи, како што рече, и неговите најдобри филмови креирале комплетни универзуми, а меѓу нив тој самиот ги издвои: „Опасни врски“, „Кралица“ и „My Beautiful Laundrette“.
Но, ние сепак би рекле дека „Тамара Дру“ е нешто сосем поинакво. Тоа е приказна за една модерна девојка, која се враќа на село поради продажба на нејзиниот имот, но заедно со неа се одмотува целата поранешна приказна која го обележала нејзиниот живот. Тамара Дру сега е прекрасна и секси девојка која ги наплаќа старите долгови, односно тоа е една симпатична љубовна приказна, конфузна, откачена и забавна, која го содржи сето она што е карактеристично за тоа мало британско место. Филмот е направен добро, како и ликовите, но многу е далеку од она по што го паметиме Фрирс.
За филмот на Вуди Ален „Ќе сретнеш висок црн странец“, кој е целосно сниман во Лондон и кој на интересен начин ги испреплетува животите на родителите и децата, веќе пишувавме. Вуди Ален, исто како и Стивен Фрирс и Оливер Стоун, не сакаше да биде во главна конкуренција. Тие, како што рекоа, многу добро знаат што значи да се биде во жири и знаат колку е голем притисокот, затоа многу повеќе уживаат на овој начин да ги претстават своите дела. Но, иако не беа во трка за награди, факт е дека го добиваат истото внимание, и преку прес-конференциите со нивните екипи, а исто така, и преку критиките на новинарите, кои неизбежно пишуваат за нивните нови дела.
Вуди Ален, повторно во свој стил прави извонреден колаж на ликови и ситуации, луцидно поигрувајќи си со ни��ните желби и забранети соништа. Вуди Ален зборуваше дека е воркохолик и дека постојано работи, дека штом ќе го заврши филмот веднаш започнува со новиот, односно за него животот е работа, бидејќи не знае што друго би правел. Новинарите го прашаа дали ако го послужи здравјето, како португалскиот автор Маноел де Оливеира, кој беше со нов филм во Кан иако има 102 години, и понатаму ќе работи. Ален одговори дека тој не е по природа оптимистичен, напротив, на животот гледа сиво и воопшто не мисли дека староста е предност. А на прашањето какви филмови тој сака да гледа, рече дека му е доста од американски филмови, дека повеќе сака да види кинески, ирански или европски филм. Во неговиот нов филм играа: Ентони Хопкинс, Наоми Вотс и Џош Бролин. Вуди Ален додаде дека сака да работи со нови актери, и дека желба му е во следниот филм да работи со Кејт Бланшет и Рис Витерспун.
Со оглед на тоа што за „Уште една година“ на Мајк Ли веќе пишувавме, како и за „Копија на оригиналот“ на Киаростами, за „Социјализам“ на Жан Лик Годар и „Вол Стрит. Парите никогаш на спијат“ на Оливер Стоун, овде да кажеме дека во Кан повторно беше и Мартин Скорсезе, но не само како претседател на фондацијата за реставрација на старите класици, во која функција впрочем доаѓа секоја година во Кан. Годинава тој дојде поради својот нов филм, а на што во канските филмски изданија му беше посветен многу голем простор. Станува збор за филм за уште една музичка легенда на 20 век, Џорџ Харисон. Новиот филм на Скорсезе се наоѓа во постпродукција и тој присуството во Кан го искористи за да го претстави и за да дискутира за овој свој нов филм.
„Живеејќи во материјален свет: Џорџ Харисон“ се вика филмот, кој го продуцира вдовицата на Џорџ, Оливија Харисон. Тие беа заедно во Кан, каде што објавија дека во новиот филм ќе бидат поместени досега невидени снимки и интервјуа со Пол Макартни, Ринго Стар, Ерик Клептон, Јоко Оно. „Јас бев негов голем обожавател и многу ме интересираше неговиот пат како уметник“, изјави Скорсезе, додавајќи дека за него овој филм е прашање на љубов. Во Кан се коментираше фактот дека Скорсезе беше таков фан на рокенролот, што очигледно направи своевидна филмска хроника на најголемите музички икони на 20 век, меѓу кои се филмовите за Ролингстонси, за the Band, за Боб Дилан, а еве сега и за Џорџ Харисон.
Но, она што исто така беше интересно е поврзано со два од 13-те филмски класици кои годинава беа прикажани. Првиот е исклучителниот филм од 1985 „Бакнежот на жената пајак“ на Хектор Бабенко, кој во Кан на Вилијам Харт му донесе награда за најдобра улога, а потоа и „Оскар“. Ова особено остварување за двајца мажи кои делат иста келија и кои, иако се сосем различни, на крајот ќе ја поделат својата судбина, а кои фантастично ги играа Харт и Раул Џулија, предизвика повторно големо интересирање, како што беше кога овој филм се појави. Продуцентот Дејвид Вајсман на сето тоа изјави дека според него сега е време кога би требало да се направи римејк на овој филм. Тој рече дека би сакал да ги даде правата на млади филмаџии за дигитална верзија на овој филм, која би можеле да ја вклопат во нивните современи, но оригинални култури.
А Волкер Шлендорф дојде со својот култен филм „Лимениот барабан“, кој во 1979 година освои „Златна палма“, а следната 1980 и „Оскар“ за странски филм, кој беше наедно и првиот „Оскар“ за германски филм. Интересно е дека овој пат во програмата на канските класици ова култно дело беше прикажано во оригиналната режисерска верзија, која е 22 минути подолга. Како што објасни Шлендорф, тој не го ремонтирал филмот, туку само додал неколку нови сцени и, потенцираше тој, неколку изненадувања. Шлендорф беше запрашан, колку успехот во Кан го променил и како сега го доживува Кан. А тој рече дека има чувство дека промените во Кан се огромни, дека има пет пати повеќе луѓе, дека има 10.000 медиуми, но тој мисли дека духот на Кан е ист. Ако така вели Шлендорф по 31 година нема зошто да не му веруваме. Кан дефинитивно си заработи ореол, кој го стави на врвот на скалата, од каде се чини никој не може да го симне. Напротив, секоја година лудилото се зголемува, а сто тоа се разбира расте и неговото значење. |