Се исполни желбата на Тоше - осветлен манастирот „Св. Преображение“
Со симболично пуштање на светилките, блесна духовното светилиште на Проески над Крушево
Крушево - Со симболично пуштање на светилките околу манастирот „Св. Преображение“ над Крушево завчеравечер и официјално беше означен крајот на работите за осветлување на светиот храм, кој значеше духовно светилиште за македонската поп-икона Тоше Проески.
„Да беше Тоше вечерва со нас, не ќе имаше посреќен човек од него. Овде тој ја црпеше целата своја духовна енергија. Тоше на сите им даруваше, сега другите даруваат за него“, рече претседателот на фондацијата „Тоше Проески“, Андреј Николоски, упатувајќи благодарност до сите што помогнаа да се оствари уште еден сон на македонската поп-икона.
Премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на одбележувањето на електрификацијата на светилиштето, истакна дека манастирот е персонификација на еден голем човек. „Ова е едно од оние места што не' поврзуваат со Тоше. Неговите зборови вечно ќе одекнуваат одовде. Манастирот, осветувањето и патот ги чуствуваме како должност спрема Тоше. Денешниот ден има голема симболика. Манастирот ја доби својата светлина, а светлината е симбол на животот и на вечноста“, рече Груевски, додавајќи дека манастирот е вечен спомен за неговиот дух. „Се' додека спомените се живи, Тоше живее со нас“, нагласи Груевски. „Со ова дело сакаме да покажеме колку го цениме делото на Тоше Проески, а за тоа ќе сведочат многубројните посетители на неговото духовно светилиште“, додаде претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Гинтер Офнер.
Во манастирот „Св. Преображение“ останува да се доизгради покривната конструкција, да се изработи фрескоживописот, а потоа ќе продолжат и работите на крстот на месноста Вршник. (МИА) |