Петти мандат за Тупурковски
Во Македонскиот олимписки комитет ништо ново. Незаменливиот Васил Тупурковски и во наредните четири години ќе биде претседател на оваа институција.
Сето тоа откако Собранието одново му ја даде поддршката. Од вкупно 119 делегати присуствуваа 105, а по повеќе од два часа заседавање со акламација му го доделија петтиот мандат.
„Ви благодарам од срце, најискрено и бидете сигурни дека е така. Нема потреба за никаква претстава, продолжуваме да работиме на сериозни проекти. Не сме конфликтни, не сме имале внатрешни конфликти“, изјави Тупурковски и додаде: „Ќе дадам се' од себе во наредниот период да се расчистат недоразбирањата и да оформиме реални партнерства за понатамошни големи успеси, што ни се неопходни во подигањето на врвниот спорт, федерациите“.
Без вистинско гласање, експресно и со аплузи беа избрани и другите раководни тела.
Седмото место на борачот Раамзанов на ОИ во Пекинг е македонскиот успех минатата година, а со 150 отсто зголемен буџет тековната година е прогласена за година на „уште посилно и понапорно работење“. Целта е учество на 20 спортисти на ОИ во Лондон и, конечно, настап и на некој колектив. |