Федерер преку Вердаско до полуфинале против Мареј
Федерер по релативно лесно освоениот прв сет, во вториот висеше по рабовите. Кој знае што ќе се случеше во третиот сет, ако за него се избореше Шпанецот, но во борбата во која одлучуваше еден поен, подобар беше Федерер.
Во полуфиналето Федерер ќе игра против Енди Мареј кој беше подобар од Љубичиќ со 7:5 и 7:6. Но, овој петти меѓусебен дуел меѓу Љубичиќ и Мареј (британскиот тенисер славеше три пати) ќе остане запаметен и по контроверзата која ја доведе во прашање ефикасноста на познатиот систем „око соколово“. Светските тениски портали пишуваат дека токму поради грешка на „соколот“ Љубичиќ го загуби мечот. При резултат 5:7, 4:4 Љубичиќ сервираше и го освои поенот, а Мареј бараше проверка. Електронскиот систем покажа дека топчето било „внатре“, но забавената снимка откри дека „соколовото око“ погрешило и дека Британецот топчето го испрати надвор од теренот. Технологијата на „окото на соколот“ се обидува да го реконструира најверојатниот пат на топчето комбинирајќи читања на своите радари и сликата од камерата која го следи мечот. Но, според некои поранешни искуства можни се грешки. Причина за таквите погрешни проценки најчесто е премногу интензивното сонце или сенките кои во тој момент се на теренот. Судијата има право да ја поништи одлуката на системот, но овој пат тоа не го стори.
Рано сабајле во вторите четвртфинални дуели играа Надал против Дел Потро и Ѓоковиќ против Родик. |