Гудмундсон: Македонија се' уште има реални шанси
Исландскиот печат полн со комплименти за својата селекција и за публиката во Скопје
Специјално за „Утрински весник“ Горазд Михајлов
РЕЈКЈАВИК - Малку кој од љубителите на ракометот во Исланд веруваше дека нивната ослабена репрезентација ќе може да извојува голема победа на жешкиот терен во Македонија. Дневниот весник „Моргунбладет“ е полн со пофални зборови за нивните нови херои, кои на најдобар можен начин им се одмаздија на Македонците за елиминацијата во ланскиот бараж за Светското првенство во Хрватска. Комплименти за константно добрата игра во одбраната, која за многумина е клучот на победата, но и за добро познатата атмосфера во салата „Борис Трајковски“. Се издвојува 19-годишниот Арнор Палмарсон, играч на Хафнарфјордур, кој налето ќе замине во Кил, а во него веќе гледаат наследник на Олафур Стефансон. Тој, како што пишувааат и останатите дневни весници, ги натера Македонците да го положат оружјето.
Очигледно дека селекторот Гудмундур Гудмундсон одлично ја имаше анализирано играта на македонската репрезентација, што на крајот им донесе не само еден бод, со кој ќе беа презадоволни, туку големи два. Сега целата нација со нетрпение го очекува следниот настап в недела против Естонија, во која не гледаат сериозен ривал и веруваат дека со идентична игра како таа во средата ќе прокнижат нови два бода.
Во јуни ги пречекуваат и Норвешка и Македонија, па сега Исланѓаните се поголеми оптимисти, бидејќи, како што вели Гудмундсон, „со победата во Скопје широко ги отворивме вратите кон Австрија. Да се победи Македонија во една неверојатна атмосфера создадена од армија навивачи кои до последен момент ги бодреа своите миленици е голем плус за моите ракометари, посебно за помладите, кои се претставија во извонредно светло“.
Тие ги издвојуваат одличната одбрана, на чело со голманот Бјоргвин Густафсон, кој имаше осум одбранети удари од поле и два од седмерец, како и Палмарсон, кој постигна шест гола, од кои два во последната минута. Но, не забораваат да споменат дека Македонија исто така имаше свои шанси, но не успеа да ги искористи.
„Ова за нас претставува враќање таму каде што застанавме по ОИ во Пекинг. И покрај отсуството на дури петмина кои беа дел од олимпискиот состав, ние докажавме дека имаме квалитет и дека сме кадарни да победиме секого, како што беше тоа во Скопје пред 8.000 гледачи. Тие со своето навивање како да го запалија и фитилот кај нас. Би посакал и ние да имаме таква поддршка, со која успехот би бил неминовен. Сакам да им се заблагодарам на моите соиграчи, кои ми помогнаа и јас да имам одлична вечер, бидејќи тие во одбраната ја завршија својата работа коректно“, изјави голманот Густафсон.
Селекторот, сепак, ја спушта топката на земја.
„Точно дека совладавме еден конкурент во борбата за првите две места во групата, но работата е далеку од завршена. Ни следи натпреварот со Естонија, каде што мораме да го оправдаме и потврдиме тоа што го сторивме во Македонија. Шансите на Македонија не се загубени, тие се' уште имаат реални можности за пласман на ЕП во Австрија. Тие ги немаат одиграно своите средби од групата против Норвешка, каде што очекувам сликата во нашата група да биде појасна. Мислам дека подобриот од овие два дуела ќе биде вториот покрај нас што ќе избори пласман во Австрија“, прогнозира Гудмундсон. „Но, и нам ни преостанува да одработиме доста ако сакаме да се најдеме на Европскиот шампионат. Напоменувам дека има уште средби, така што се' е отворено во нашата група. Затоа, ја повикувам публиката да присуствува на неделниот меч и заедно да ја прославиме победата против силната Македонија, а верувам и на Естонија“.
|