Баерн игра со Барса, Ливерпул уште еднаш против Челзи
Најлесна ждрепка за четврт-финалето од ЛШ имаа Јунајтед, кој ќе игра со Порто, и Арсенал, кој ќе се судри со Вилјареал Англичаните може да здивнат. Во четврт-финалето од најреномираното натпреварување тимот од кого бегаа како од ѓавол, Барселона, го доби Баерн. „Ова е фантастична вест за нашиот клуб“, кажа генералниот менаџер на Баерн Ули Хенес, а тренерот Јирген Клинсман додаде: „Да се игра против најдобриот тим во светот во моментов е голем предизвик. Тоа ќе биде празник во Минхен“.
Никој од четирите гиганти од Островото не мислеше како Клинсман, но тоа не значи дека сега однапред можеме да ги прогласиме Манчестер Ј., кој за противник го доби Порто и Арсенал, кој ќе се судри со Вилјареал, за полуфиналисти. Уште помалку може да го предвидиме победникот од дуелот меѓу Ливерпул и Челзи, кои ќе мораат повторно еден против друг да решат кој ќе оди меѓу четирите најдобри. Овие два гиганта играа во полуфиналето од ЛШ дури три пати во последните четири сезони.
Во 2005 година Ливерпул во полуфиналето го мина Челзи, а подоцна во финалето го шокира Милан. Нов меч имаа пред две години, исто така во полуфиналето, со исто сценарио. Ливерпул го мина Челзи, но во атинското финале падна пред двојниот стрелец Пипо Инзаги и неговиот Милан. Мала одмазда фудбалерите на Челзи имаа минатата година во ЛШ, кога во полуфиналето го совладаа Ливерпул, но немаа среќа во финалето, каде подобар беше Јунајтед, по подоброто изведување на пенали.
„Нема нешто што не знаеме за Ливерпул. Теоретски имаме предност што реваншот го играме на „Стемфорд бриџ“. Тоа проработе лани, кога ги елиминиравме, а двете години пред тоа кога победуваше Ливерпул тие го играа реваншот дома. Можеби тоа нешто кажува“, вели секретарот на Челзи Дејвид Бернард.
Секако, полесна задача од Челзи и Ливерпул ќе има бранителот на трофејот Манчестер јунајтед, кој игра со Порто, тимот кој предводен од Жозе Мурињо во 2004 година ги елиминираше „бебињата“ во првата нокаут фаза, а потоа и ја освои титулата.
„Ова е одлична ждрепка за нас. Да, не елиминираа пред пет години, но сега треба да им вратиме. Го респ��ктираме секој португалски тим и нивниот фудбал. Затоа и имам португалско влијание во тимот. Најпрвин со Карлос Кеирош, кој сега е селектор на нивната репрезентација, а потоа и со Роналдо и Нани“, посочи менаџерот на Јунајтед Алекс Фергусон, кој смета дека не е важно што неговиот тим првиот меч го игра на свој терен. „За некој е подобро реваншот да го игра дома, но во модернава ера нема индикации што е подобро. Единствено на што треба да се надеваш е да не примиш гол на домашниот меч“, додаде Фергусон.
На хартија полесен противник доби и Арсенал. Тоа е шпанскиот претставник Вилјареал, единствениот тим од овие осум кој никогаш не играл во финалето од Лигата на шампионите.
Овој дуел практично е реприза на полуфиналето од 2006 година, кога Арсенал во драматични два меча ги мина Шпанците. Но подоцна во финалето страдаше од Барселона на Роналдињо.
„Имаме многу поголемо искуство од минатиот пат. Можеби ќе имаме и малку повеќе среќа да ги изненадиме“, кажа претседателот на Вилјареал, Фернандо Роиг.
Четврт-финале од Лигата
на шампиони
Манчестер Ј. - Порто
Вилјарел - Арсенал
Ливерпул - Челзи
Барселона - Баерн
Првите натпревари се играат на 7 и 8 април, а реванш средбите на 14 и 15 април
Полуфинале: Манчестер Ј - Порто/Вилјарел - Арсенал
Ливерпул - Челзи/Барселона Баерн
Првите натпревари се играат на 28 и 29 април, а реванш средбите на 5 и 6 мај
Финале: 27 мај Рим
Реванш натпревари од
осминафиналето од Купот на УЕФА
Металист - Динамо Киев 3:2 (прв меч 0:1), Шахтјор - ЦСКА М 2:0 (0:1), Зенит - Удинезе 1:0 (0:2), Галатасарај - Хамбургер 2:3 (1:1), Брага - ПСЖ 0:1 (0:0).
Четврт-финале
Хамбургер - Манчестер Сити
ПСЖ - Динамо Киев
Шахтјор - Марсеј
Вердер - Удинезе
Првите натпревари се играат на 9 април, а реванш средбите седум дена подоцна
Полуфинале: Вердер - Удинезе/Хамбургер-Манчестер Сити
ПСЖ - Динамо Киев/Шахтјор - Марсеј
|