Големо „уа“ за законот за парламент
Вчера се дебатираше за законот за Собрание предложен само од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Наместо аплауз, законот за Собрание, кој првпат се носи по 19 години парламентарна демократија, и како документ се однесува на пратениците и на законодавниот дом, вчера во пленарната собраниска сала доби едно големо „уа“. Предлагачи на споменатиот закон не се сите пратенички групи, туку само на двете владејачки партии - ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Парламентарното мнозинство се оглуши од барањето на опозицијата во пакет со законот да се направат и измени на Деловникот, па споменатиот закон беше меѓу првите точки на вчерашната собраниска седница. Опозиционерите обвинија дека со овој закон се репризира истата приказна со Деловникот, кој пред една година беше донесен без опозицијата и без никаква расправа, само за неколку секунди.
Шефицата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, отворањето на дебатата за законот за парламент го нарече „свечен ден за Собранието“. Тоа испровоцира нервозна реакција и серија реплики од опозицијата, чии пратеници од место гласно дофрлуваа „срамота“ и викаа „уа“. Координаторот на пратеничката група на ЛДП, Андреј Жерновски, ја праша Бонева дали „и минатата година беше свечен ден кога го донесовте Деловникот без опозицијата“. Според Жерновски, Бонева е „лицемер и ќе ќе остане запаметена како координатор на владејачка партија, која донела Деловник и закон за парламент без опозиција“. Бонева го повика да и' се извини, бидејќи, како што рече, „никогаш не била лицемер, а доколку опозицијата сакала да учествува во донесувањето на Деловникот требала да биде во Собранието, а не на улица“. Пратеникот од Нова алтернатива, Ѓорѓи Оровчанец, во негов стил иронизираше: „Дали сакате да излеземе и сами да си го донесете и законот за парламент?“ Пратеничката од СДСМ Славица Грковска -Лошкова во репликата до Бонева констатира дека на ВМРО-ДПМНЕ и' е важно само да се „парафира дека бил донесен законот“, не водејќи притоа сметка дека со ароганцијата и игнорантскиот однос го деградираат парламентот. (О.В.) |