ЕДИТОРИЈАЛ
Крај на фрустрациите
Тамара Грнчароска
Конечно падна визниот ѕид за Македонија. Од 1 јануари идната година нема повеќе да има редови пред странските амбасади за добивање виза за престој или транзит во земјите од шенген-зоната, но и пред оние што не се, но што мораа да го спроведуваат визниот режим кон Македонците, како Бугарија и Романија. Купиштата документи, за вработување, здравствени книшки, гарантни писма, банкарски сметки, хотелски резервации, букирани авионски карти и, пред се', потрошените време и пари, ќе бидат заменети само со еден и единствен валиден документ за патување - биометриски пасош на Република Македонија.
На двата милиона македонски граѓани, конечно, ќе им биде вратено достоинството што го загубија пред 17 години, кога како „ризични“ влегоа на црната листа на земји спрема кои ЕУ спроведуваше посебен визен режим. Стравувањата на Унијата од новите земји, особено оние кои територијално не потпаѓаа под поранешното Австроунгарско Царство, на Македонија и' ги затворија вратите, иако таа и Словенија беа двете позитивни приказни на осамостојување по распадот на СФРЈ што ја избегнаа крвавата војна.
Неправдата која тогаш ја доживеаја македонските граѓани уште повеќе беше зацементирана и со одлуката на ЕУ на Хрватска, која во тој период беше во војна и која извесен период се наоѓаше и под меѓународно ембарго поради владеењето на Фрањо Туѓман, да не и' се воведе визен режим. Неподобноста на Македонија како „кризно подрачје, во таква констелација на состојбите, беше тешко сфатлива за македонските граѓани.
Но, таквите апсурдни одлуки на ЕУ, токму нив, ги оставија „надвор“ од Европа цели 17 години, во кои фрустрациите на генерации и генерации млади луѓе стануваа се' поголеми како што обрачот на визниот режим се стегаше околу нив. На крајот за нив останаа само пе�� држави во Европа каде што можеа безвизно да патуваат. Испитувањата кои покажуваа дека дури 70 проценти од македонските студенти никогаш не посетиле земја од ЕУ беа поразителни.
Уште попоразителна беше бројката на македонски граѓани кои аплицираа за државјанство, а со тоа и за пасош на други држави за да можат слободно да се движат низ Европа. Под „грбовите“ на бугарските, хрватските, словенечките пасоши, илјадници Македонци секоја година ги поминуваа границите на ЕУ. Повеќе нема да биде потребно тоа. Македонскиот пасош од 1 јануари ќе вреди исто како и пасошите на другите земји.
Приказната, т.е. причините на ЕУ за задржување на визниот режим кон нашите граѓани од „кризен регион“ со годините кои минуваа се „редефинира“ во закана од економска миграција, која својот зенит го достигна со укинувањето на визниот режим кон новите земји-членки на ЕУ од Источниот блок и навалицата на полските водоинсталатери во Франција или романските берачи на јаготки во Шпанија. Сепак, Македонците тешко ја голтаа приказната на Унијата за закана од економска миграција од Македонија, која во 500-милионското европско семејство личеше на сламка во стог сено.
Во меѓувреме, техничките услови што се поставуваа пред земјата за укинување на визите се третираа како полесен дел од обврската. Македонија истовремено безуспешно се обидуваше да го „погоди“ и политичкиот момент на добра волја од Унијата за „дегетоизирање“ на земјата.
Конечно, ЕУ задоволна од нас од 1 јануари нема повеќе да ги третира македонските граѓани како граѓани од втор ред, чии визи во пасошите досега двојно се проверуваа на граничните премини и аеродроми во Унијата.
Македонските граѓани сега само нивната добра волја и финансиските можности можат да ги спречат да отпатуваат во ЕУ, во земјите каде што тие самите до пред 20 години слободно патуваа на шопинг или летувања. Отворена Европа нема повеќе да биде привилегија само за некои, туку за сите. |