„Детска радост“ го објави „Три силни жени“ добитник на „Гонкур”
Издавачката куќа „Детска радост” го објави романот „Три силни жени” од Мари Ндиај, кој во 2009 година ја доби престижната книжевна награда „Гонкур”, која се доделува за книжевно остварување на француски јазик, чиј автор со својот стил оставил особен печат во француската литература.
„Три силни жени” е роман кој на особено инвентивен и метафоричен начин ја раскажува животната историја на три хероини што го живеат современиот живот на африканскиот континент. Во три одделни раскази, кои на свој начин се поврзани во книгата, прикажани се ликовите на три решителни и храбри суштества, кои поминуваат низ тешки искушенија. Но, бидејќи имаат доблест, силна физичка конституција и парадоксално богата духовна и умствена сила, тие успеваат да го заштитат своето достоинство од бруталните понижувања и да излезат од маргините на животот.
„Од фантазија до мелодрама со француско-сенегалското литературно чудо”, ќе напише Мајкл Серингам за овој роман во „Сандеј тајмс”, инаку професор по француски на Универзитетот во Оксфорд. Во својата рецензија Серингам вели: „Животите што Ндиај ги опишува ја манифестираат трансформацијата на свеста. Трите силни жени во нејзиниот роман се жртви и моќта што приказните ја откриваат е онаа за самоосознавањето, за вербата во себе и за истрајноста. Оваа писателка со западноафриканско потекло брилијантно го опишува раѓањето на новата свест. „Три силни жени” е одлична книга, полна со раскажувачки жар, стилска виртуозност и сосема добро водење на тонот.
Мари Ндиај е родена во централниот дел на Франција, има сенегалско потекло и досега објавила дванаесетина книги, романи, раскази и театарски дела. Во 2001 година ја доби наградата „Фемина”, а нејзините театарски дела се влезени во репертоарот на „Комеди Франсез”. Ндиај заедно со режисерката Клер Денис е и косценарист на филмот „Белиот материјал” со Изабел Ипер во главната улога, кој оваа година беше прогласен за француски филм на годината.
Преводот на романот го направи Ирина Бабамова, а тој може да се најде во книжарниците на „Просветно дело“ по предновогодишна цена од 350 денари. (Н.П.) |