Книги на лош глас
Дали демократските општества преку забраните се оградуваат од таквите ставови, или на тој начин го покажуваат своето тоталитарно лица? Што смее, а што не смее да постои и кој одлучува за тоа?
Невена Поповска
„Може ли огнот да ги уништи идеите искажани во некоја книга?“ - е едно од прашањата на Реј Бредбери во книгата „Фаренхајт 451“ или почитуваниот филм на Франсоа Трифо со кој е екранизирано ова дело. Оваа антиутописка книга, напишана на почетокот на „студената војна“ прикажува едно крајно нехумано општество, некаде во иднината, во кое се палат вредни книги, почнувајќи од Библијата, па се до Фокнер. Сепак, што се случува кога се забрануваат или „палат“ книги кои поддржуваат вредности против човекот или нацијата? Дали демократските општества преку забраните се оградуваат од таквите ставови, или на тој начин го покажуваат своето тоталитарно лица? Што смее, а што не смее да постои и кој за тоа одлучува?
Осудувани се најчесто книги со антисемитска содржина, како и оние кои ги повредуваат верските чувства. Најсвеж пример е изданието кое во изминативе две години предизвика бурни реакции. Станува збор за книгата на Шери Џонс, насловена „Каменот од Медина“, која претставува фикција за животот на пророкот Мухамед. Кај нас книгоиздателството „Култура“ го најави нејзиното објавување, но поради тоа што американскиот издавач „Рендом хаус“ го повлече романот од печатење поради страв дека книгата ќе предизвика верско незадоволство од пошироки размери, и објавувањето кај нас се откажа. Во Србија овој роман беше објавен и по две недели откако беше дистрибуиран во книжарниците беше повлечен од продажба поради тоа што Исламската заедница во Србија на чело со муфтијата Муамер Зукорлиќ упати официјално соопштение дека „Каменот од Медина“ ги навредува чувствата на муслиманите. Но и покрај повлекувањето на романот од продажба, истиот минатата година можеше да се набави на меѓународниот саем за книги „Интерлибер“ во Загреб, а и годинава на Белградскиот саем на книги.
Од друга страна кога Хитлеровиот „Маин Кампф“ („Мојата борба“) се појави во книжарниците, Еврејската заедница не реагираше. До крајот на Втората светска војна „Мојата борба“ беше преведена на сите големи светски јазици и е продадена во 9.840.000 примероци. До денес книгата доживеала илјадници изданија и се смета дека е најиздаваната и најчитаната книга во светот - после Библијата. Можност, и на македонскиот читател, иако меѓу последните во светот, да ја прочита контроверзната книга на Хитлер на македонски јазик и да суди за неа му даде издавачката куќа „Ѓурѓа“.
Кога некоја книга ќе биде прогласена за контроверзна уште повеќе се бара и преку тајни канали го бара својот пат до луѓето. Сепак, судот на времето го издржуваат само проверените морални и естетски вредности за кои единствено вреди да се зборува.
„Ова е трагично. Додека во родната земја ме влечат по судови, во светот истовремено ме наградуваат. Што повеќе да ви кажам?“ На овој начин реагираше Ирфан Санчи, познат истанбулски издавач, кога дозна дека против него е покрената судска постапка затоа што ја објавил книгата на францускиот писател Гијом Аполинер, „Авантурите на младиот Дон Жуан”, која во светот секаде слободно се објавува, продава и чита. Но, во исто време доживеа и сатисфакција:доби награда за слобода на издаваштвото што ја доделува Меѓународната асоцијација на издавачи.
Овој случај не е осамен. Напротив. Турските издавачи и писатели речиси секојдневно се влечат по судови, дури и кога се во прашање светски бестселери. А причините се најразлични:еротика, верски теми, историја, дневна политика...
„Сатанските стихови“ на Салман Ружди кога беа објавени во 1988 година веднаш предизвикаа контроверзии во исламскиот свет, каде што беа оценети како „невкусен опис н�� пророкот Мухамед“. Поради тоа на 14 февруари 1989 година беше фрлена фатва за егзекуција на Ружди, објавена на Радио Техеран од страна на ајатолахот Хомеини. Духовниот лидер на Иран во тоа време нарекувајќи ја книгата „навреда на Исламот“ понуди и награда за убиство на Ружди и поради тоа тој беше принуден да живее под полициска заштита неколку години. Објавувањето на книгата на повеќе светски јазици предизвика насилство низ светот, а книжарниците каде се продаваше беа палени. Муслиманските заедници во неколку западни земји одржуваа протести палејќи копии од „Сатанските стихови“, а неколку луѓе кои беа поврзани со преведувањето и објавувањето на книгата беа нападнати, сериозно повредени, па дури и убиени. Во Македонија книгата ја објави „Култура“ во 1990 година.
Иста судбина доживеа и публикацијата „Правење едноумие” која ја потпишаа Ноам Чомски и Едвард С. Херман. Во неа спорен е оној дел кој се однесува на прогонот на Курдите во југоисточна Анадолија, што до скоро беше табу тема, поради која извесен период беше прогонуван и нобеловецот Орхан Памук.
Но и „Кодот на Да Винчи“ од Ден Браун, што кај нас ја објави „Три“, ја разбранува христијанската заедница низ светот и беше оквалификувана од страна на различните христијански заедници „како извитоперување на фактите“. |