Промовиран проектот „Минатото денес“
Вчера во галеријата Чифте-амам во Скопје, продукциската куќа „Њу момент видеохаус“ го промовираше мултимедијалниот проект „Минатото денес“, првото интегрално издание за најпознатите археолошки локалитети и храмови од историјата на Македонија. Проектот го сочинуваат 15 документарци дополнети со илустрирана брошура, а трите ДВД и печатена брошура се сметаат за презентациски материјал наменет, пред се', за странците во Македонија. Преведени се на четири јазици, а изданието е поддржано од Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство.
Според министерката за култура Елизабета Канчевска-Милеска, „Минатото денес“ е „навистина успешно реализиран обид, документаристички прецизно и визуелно импресивно да се спојат историските мозаици на Македонија, да се презентираат барем дел од 5.160 археолошки локалитети, 1.156 цркви и манастири, 879 објекти од старата градска архитектура, 112 џамии, 10 саат-кули и многуте други примероци со непроценлива вредност што ги поседуваме“.
Проектот се осврнува на најважните историски и културни точки на територијата на Македонија уште од неолитот до денес, на кој работела екипа од 50-ина луѓе: новинари, сценаристи, продуценти, режисер, врвни сниматели и постпродукциски професионалци. Во сериите учествувале и околу 30 експерти, археолози, историчари на уметноста, биолози, палеонтолози, професори, географи, астрономи, теолози. (К.Б.) |