Ученици на ДМБУЦ наградени во Белград
Две први и три втори награди е жетвата на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје на 8. Меѓународен натпревар на соло-пејачи „Лазар Јовановиќ“ во Белград. Мартин Симоновски од класата на проф. Александра Коцевска освои прва награда во преткатегорија (родени 1991 година и помлади), во која втора награда меѓу 17 натпреварувачи доби Давид Темелков од класата на проф. Валентина Димитриевска. Прва награда освои и Вариса Ајдарпашиќ од класата на проф. Искра Трпева-Арсовска меѓу 16 учесници во прва категорија (родени 1991 година и помлади), во која Злата Тошевска, ученичка на проф. Коцевска, доби втора награда. Со втора награда од Белград се врати и Елена Тасевска од класата на проф. Светлана Донковска, која настапи во конкуренција на 38 кандидатки во преткатегорија (родени 1993 година и помлади).
На натпреварот што секоја година го организира музичкото друштво „Станковиќ“, а кој се одржа од 14 до 17 декември во истоименото училиште основано во 1911 година, учествуваа 136 натпреварувачи од поранешна Југославија. (Р.Д.) |