Полека се затвораат вратите за виното
Се' пореална станува опасноста дека поголемиот дел од нашето вино ќе остане во овдешните винарски подруми и во продавниците
Александрија Стевковска
Македонското вино, најверојатно, ќе треба ние сами да си го испиеме. Откако Грција се потруди да му ги затвори вратите за извоз во дел од европските земји, се' пореална станува опасноста дека поголемиот дел од производството ќе остане по овдешните винарските подруми и продавници, бидејќи Македонците се познати како слаби пијачи на вино. Познавачите на состојбите велат дека ембаргото на Германија и на Словенија за продажба на македонското вино издејствувано од Грција, која прави проблем околу географското потекло и користењето на терминот Македонија, најверојатно, како чума ќе се прошири. Тоа во превод би значело дека Европејците ќе мора да се откажат од нашето вино, а нашите граѓани ќе треба повеќе да пијат вино, за винарниците да не се удават во резервите вино. Се укажува на тоа дека повлекувањето на нашето вино од словенечките продавници ќе удри врз грбот на производителите на вино, кои и онака се во незавидна ситуација, справувајќи се со последиците од кризата. Посредно тоа ќе ги погоди и лозарите, кои годинава поради тоа што не успеаја да го продадат родот, практично банкротираа.
„Подготвуваме пратка за извоз во Словенија и засега се' уште немаме ништо официјално дека нашето вино таму не е добредојдено. Слушнавме дека има налог за повлекување на некои вина, но не знаеме за кои вина станува збор, ниту, пак, кои се причините за тоа“, вели директорот на винарската визба ’Бовин‘“, Ѓорѓи Тренев.
Според него, не би било в ред притисокот на Грција да го прифатат земјите кои до вчера и беа добри трговски партнери на земјава. „Доколку навистина Грција врши притисок врз европските земји да прават проблем за пласман на македонското вино, поради користење на името Македонија и доколку од нас се бара да промениме нешто во етикетите, тоа би било понижувачки, бидејќи ние не можеме да си го смениме потеклото. Второ тоа би имало и финансиски последици врз македонското винарство, бидејќи ќе треба да се да се менува. Освен етикетите што би требало да бидат различни за различни земји, тука е и документацијата, која ќе треба, исто така, комплетно да се промени. На крајот на краиштата, што треба да назначиме, од какво географско потекло е виното“, прашува Тренев.
Од словенечката амбасада во земјава не можеа да ни одговорат зошто Словенија попушта под притисокот на Грција и не дозволува продажба на македонското вино како македонско. „Слушнавме за проблемот, но немаме информација одовде. Испративме барање за разјаснување на проблемот до централата во Словенија, а официјален одговор очекуваме веќе во текот на наредната недела“, велат во словенечката амбасада во Скопје. |