Урната џамија ги разбранува духовите во Тетово
ИВЗ тврди дека џамијата „Гам-Гам“ не е постара од 300 години, а според истражувачите, датира од 15 век
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО – Уривањето на старата џамија „Гам-Гам“ во Тетово, на чие место Исламската верска заедница сака да гради нов верски објект, ги разбранува духовите во градот под Шара. Дел од истражувачите на древното богатство во Полошкиот регион изразуваат загриженост што се уништуваат објекти со богата историја, тврдејќи дека станува збор за објект што датира уште од 15 век. Претставниците на ИВЗ, како и потомците на семејството што ја подигнало џамијата имаат сосема поинакви сознанија. Според нив, џамијата „Гам-Гам“ не е постара од 300 години и досега во пет наврати била обновувана. Објектот го нема во евиденцијата на Музејот на тетовскиот крај ниту, пак, бил ставен под заштита на државата.
Старата џамија беше урната неодамна. На аголот на улиците „Радован Цониќ“ и „Борче Кочовски“ во централното градско подрачје сега интензивно се работи на изградбата на новата џамија. Во џамискиот одбор сметаат дека кон средината на наредната година таа ќе биде ставена во функција.
„Џамијата беше со мали димензии и за време на поголеми молитви не можеше да ги собере сите верници. Капацитетот и' беше околу 140 луѓе. Освен тоа, беше руинирана и во многу лоша состојба. Објектот што сега го градиме ќе има 450 квадратни метри и ќе може да прифати околу 700 луѓе“, вели Неџати Јакупи, претседател на џамискиот одбор. Според пресметките, новата џамија ќе чини околу 500.000 евра.
Старата џамија не фигурира во евиденцијата на Музејот на тетовскиот крај, бидејќи, како што велат оттаму, не била ставена под заштита на државата. Ја нема ниту во Националниот конзерваторски центар.
„Кај нас нема никакви траги за оваа џамија. Не сме имале никакви истражувања оти тоа од нас никој не го барал. Не сме известени за уривањето ниту, пак, за тоа дека сега на истото место се подигнува нова џамија“, вели Среќко Јовановски, директор на Музејот на тетовскиот крај.
Зошто е урната старата џамија „Гам-Гам“ во Тетово, од кој век потекнува, има ли историска и културна вредност? Ова се само дел од дилемите што се појавија во тетовската јавност. Интересот кулминираше особено откако на Интернет-страницата за Тетово, тетовецот Дарко Гавровски наведе дека спаѓала во редот на најстарите култни објекти градена во 1463 година, со што се наметнува прашање дали требало да се урива и на нејзино место да се гради нова џамија.
Дарко Гавровски е автор на книгата „Тетовски древности“, во која, како што тврди, опфатил период од 6.100 години, навраќајќи се на Полог од праисторијата до 7 век од нашата ера. Трагајќи по минатото дошол до сознание за староста и на џамијата „Гам-Гам“ во Тетово.
„Извор на податоци ми беа старите турски ќитапи во кои најдов дека оваа џамија била градена 1463 година. Меѓутоа, пред неа била џамијата ’Ески‘ (стара), која во Тетово е позната како ’Исабегова‘, градена во 1410/11 година и неколку пати уривана. Шарена џамија или уште како се нарекува Пашина џамија или Алаџа џамија е градена во 1495 година како трета џамија во Тетово“, вели Гавровски.
По повод почетокот на градбата на новата џамија на истата локација, „Шчип медија“ наведува дека џамијата била градена 1455 година или осум години порано од тврдењето на Гавровски. Според овој извор, џамијата во неколкувековното постоење два пати била целосно реконструирана. Тетовскиот муфтија Алифекри Есати, пак, има поинакви сознанија. Според него, најстара џамија градена во Тетово била џамијата „Селчубек“ што се наоѓала кај сегашниот објект на општината. Есати вели дека џамијата „Ески“ (стара) треба да е втора.
„Но, и двете се понови од Шарена џамија. Нашите сознанија се дека токму Пашина џамија има најстари корени, а се' друго е градено во следните векови. Немаме точни податоци, но од она што досега го знаеме е дека џамијата ’Гам-Гам’ не е постара од 300 години“, вели првиот човек на тетовското муфтиство на ИВЗ.
Есати вели дека според начинот на градба и другите елементи што се показател за староста на објектите, џамијата „Ески“, Саат-џамија и Горна чарши џамија имаат многу сличности, особено по дебелината на камените ѕидови што биле до еден метар и оти сите се постари од џамијата „Гам-Гам“. Меѓутоа, Шарена џамија, сепак, била најстара.
Муса Аљуши, потомок на семејството што ја подигнало џамија��а, објаснува дека повеќето негови предци што го граделе објектот се иселиле во Турција. Некои од нивните потомци живеат во Истанбул, а други во Ески Шеир. „Семејните истражувања потврдуваат дека џамијата ’Гам-Гам‘ има околу 300 години и во овој период пет пати била обновувана“, вели Аљуши. Тој додава дека неговите подалечни роднини од Турција планираат да учествуваат и во сегашната темелна обнова на џамијата, која шести пат треба да добие нов лик.
Во центарот на Тетово има 10 џамии
Во потесното градско подрачје на Тетово има 10 џамии и уште по една во приградските населби Теќе и Дреновец. Најнова е онаа што е изградена во Блок 82, наречена џамија на младите. Освен во Гам-Гам Маалото, во овој момент во изградба има уште една - во населбата Деребој под железничката пруга, во близина на расадникот. Во муфтиството на ИВЗ-Тетово велат дека сите поправки, преправки, нови градби, проширување и слично се вршат исклучиво со доброволни прилози на граѓаните. (Г.Е.) |