Соништа
Внимавајте што сонувате, може да снимаат
Американските научници планираат електронски да ги забележуваат соништата и подоцна да ги интерпретираат. Пишувајќи за научното списание „Природа“, научниците истакнуваат дека развиле систем што може да ја сними мозочната активност
Веќе со векови луѓето се фасцинирани од соништата и што би можело тие да значат. Во стариот Египет се сметало дека соништата се пораки од боговите. Во новиве векови, од појавата на Зигмунд Фројд, анализата на соништата им служи на психолозите како алатка за разбирање на несвесниот ум, но единствен начин да ги интерпретираме соништата е субјектите да бидат прашани што сонувале, откако ќе бидат разбудени.
Американските научници планираат електронски да ги забележуваат соништата и подоцна да ги интерпретираат. Пишувајќи за научното списание „Природа“, научниците истакнуваат дека развиле систем што може да ја сними мозочната активност.
„Би сакале да ги читаме човечките соништа. Меѓутоа, не би сакале да се мешаме во нив, туку да го прошириме нашето разбирање на соништата. Тоа е причината што ги правиме овие истражувања“, истакнува водителот на истражувањето д-р Моран Церф.
Крајна цел на проектот на д-р Церф е да се развие систем што ќе им овозможи на психолозите тврдењата на пациентите за соништата да ги поткрепат со електронска визуелизација на нивната мозочна активност.
„Немаме јасен одговор зошто луѓето сонуваат. Едно од прашањата на кое би сакале да одговориме е кога, всушност, ги создаваме нашите соништа“, објаснува д-р Церф.
Своите тврдења д-р Церф ги темели на почетните студии што наведуваат дека активноста на одреден дел од мозокот, или само една ќелија, е врзана за одреден предмет, или поим.
Покажувајќи им на волонтерите слики на познати личности и места, научниците идентификувале цела низа неврони за голем број поими и предмети, што го искористиле за создавање база на податоци за секој пациент. Со следење кој неврон во кое време се вклучува, научниците можат да ги „читаат мислите“, иако признаваат дека ќе мине ушто многу време пред таквите опсервации да станат уред што ќе ги снима соништата.
Волонтерите тргнале да спијат, а научниците продолжиле да ја надгледуваат нивната мозочна активност. Успеале да идентификуваат слики и концепти што се поврзани со оние што се складирани во базата на податоци.
Меѓутоа, сите не се согласуваат со д-р Церф. Д-р Родерик Онер, психолог и експерт за соништа, верува дека ваквата лимитирана визуелизација на соништата може да биде само од научен интерес, но нема да помогне во интерпретацијата на соништата, или терапијата.
„За такво нешто е потребен многу покомплексен попис на поими што се појавуваат во соништата“, заклучува д-р Родерик. (Ј.П.) |