Се утврдува како настана пожарот во бараката на шеесет и седумгодишната Азрија Шабан
Горан Адамовски
Шеесет и седумгодишна жена почина во страшен пожар што вчераутро избувна во скопската населба Шуто Оризари. Пожарот целосно ја пеплоса бараката на несреќната жена, која најверојатно спиела кога пламнал оганот. Азрија Шабан (67) живеела сама. Причините за пожарот се' уште се утврдуваат.
Несреќата на улицата „Брсјачка буна“ број 189 во Шуто Оризари се случила вчера, околу 5 часот наутро. Пожарот избувнал брзо и за момент ја пеплосал бараката. Домаќинката веројатно спиела. Немало спас за нејзиниот живот.
„Силен пламен голташе се'. Станавме, излеговме надвор, им реков на децата да се тргнат. Се обидев да го изгаснам пожарот, но немаше никакви шанса за тоа. Повикав пожарникари“, вели првиот сосед на Шабан. Тој вели дека е вистинско чудо како пожарот не ја зафатил и неговата куќа, која речиси е споена со бараката што гореше.
Неколку часа по несреќата жителите на „Брсјачка буна“ стоеја собрани пред бараката од која не остана ништо. Жалат за животот на жената, за која велат дека била повлечена и со неа немале многу контакти. Тие имаат големи забелешки на бавноста на пожарникарите на кои, како што велат, им требало половина час да пристигнат на местото на несреќата.
„Не знам зошто толку доцнеа кога беше глува ноќ. Немаше сообраќај“, велат жителите на улицата.
Надлежните во Противпожарната служба тврдат дека пристигнале веднаш и дека, благодарение на нивната брза интервенција, спречено е ширење на пожарот.
„Пожарот е пријавен во 5,25 часот, а четири возила и 11 пожарникари пристигнаа на местото на несреќата во 5,35 часот“, велат од Противпожарната служба. Дополнителен проблем било тоа што веднаш до бараката што гореше има бандера, на која висат десетина жици и приклучоци.
Азрија Шабан живеела сама. Одвреме-навреме ја посетувал внукот од сестра. Нејзиното тело е предадено на обдукција. Првично, смртта кај неа настапила поради задушување. Како избувнал пожарот, дополнително ќе се утврдува.