Поправен испит барем со победа на крајот
Вечерва Македонија игра со Норвешка во Осло (20.30 ч) со шанси да го освои третото место во својата група за СП
Миодраг Мицковиќ
Една народна поговорка вели. Крајот делото го краси. Дали конечно репрезентацијата на Македонија ќе избега од тоа како проколнато четврто место во својата група без оглед дали играше во квалификациите за европското или светското првенство. Не мрднуваше од него. Во овие последни квалификации за светското првенство, во не толку силна група освен селекцијата на Холандија имаше голема шанса не само да се „одлепи“ од таа „четворка“, туку дури и да го освои второто место и да игра во бараж за настапот на најголемиот фудбалски самит, идната година во Јужна Африка. Но, на оние две несреќни средби со Исланд и со Шкотска во гости ја прокоцкавме таа голема шанса, не реализиравме дузина поволни шанси, а веќе и заборавивме кога нашите репрезентативни фудбалери постигнаа гол на гостувањата. Создаваме шанси, не ги користиме и тоа скапо не чинеше.
Во нашата група ни преостанува само уште еден меч, вечерва во Осло против Норвешка. Последна шанса барем да бидеме трети во групата што сигурно нема да не одведе во Јужна Африка, но барем малку ќе ни го подобри рејтингот на ранг-листата на ФИФА. Дури, доколку победиме, а Шкотска со поголема разлика загуби од Холандија, можеме да бидеме и втори, но тоа ќе биде само сатисфакција, тажна, но вистинита, бидејќи второпласираната екипа во нашата група, кој и да биде, според мал број освоени бодови не може да смета на бараж.
Но, да ги оставиме тие калкулации и прогнози, да се свртиме кон вечерашниот меч со Норвешка. Во Скопје одигравме нерешено, 0:0 можевме и да победиме што во овој случај не е толку битно. И Норвежаните се во иста ситуација и да победат, можат да бидат втори, во случај на пораз на Шкотска бидејќи имаат подобра гол разлика, но што можат да очекуваат во крајниот биланс со само 10 бода во своето салдо. Но, без оглед на тоа сигурно дека Норвежаните ќе играат на победа, ќе играме и ние бидејќи веќе нема што да загубиме, загубивме многу на претходните средби. Токму тука е шансата на селекцијата на Мирсад Јонуз со една отворена игра, како и против Шкотска, се' до примениот гол, да ги нападнеме Норвежаните, кои сепак, се голем фаворит по онаа последна победа против Шкотска од 4:0.
Селекторот Јонуз не сака многу да менува на средбата со Норвешка. Единствено не може да смета на пожолтениот Деспотовски, кого ќе го замени Гроздановски или Тасевски, тука е неговата дилема. Можеби, иако тоа не го навестува, на голот да се појави Пачовски место Николовски, бидејќи голот на Браун во Глазгов, колку што оди на душа на Седлоски, оди и на неговата бидејќи не беше добро поставен.
И конечно, ќе успееме ли на крајот да постигнеме еден гол во гости на овие квалификациски натпревари. Напишавме, заборавивме кога го постигнавме, а без голови нема успех. Тоа е јасно. Ќе проработи ли конечно Горан Пандев кој е сигурно најголем виновник за поразите против Исланд и Шкотска, бидејќи ги имаше во своите нозе шансите на тие натпревари. Ќе се запишат ли во листата на стрелците конечно и Илчо Наумовски или Аце Стојков кој веќе подолго време без некој поголем скор се шверцува во репрезентацијата. Сигурно дека Мирсад Јонуз размислува и за освежување на репрезентацијата која веќе подолго време игра заедно, уште од доаѓањето на Среќко Катанец за селектор, но освен некои неважни победи, нема резултати.
Време е да им се каже збогум на капитенот Гоце Седлоски, на Аце Стојков, Јане Николовски, на Дарко Тасевски кој многу трча, но сепак, фудбалот не е атлетика. Но, да оставиме за тоа да размислува Јонуз, да се надеваме дека конечно на вечерашниот меч со Норвешка ќе не зарадуваат најпосле нашите фудбалери. Имаат потенцијал, знаат да играат, но за жал не во сите 90 минути, а тоа не е доволно и да се победи. Потребни се и голови, некогаш и еден, но што се вели вреден. А, ние и тој не можеме да го постигнеме.
|