Анализа
За странска инвестиција 50 отсто бонус од Владата
Домашните инвеститори реагираат зошто се привилегирани странските инвеститори, а тие се дискриминираат
Нина Нинеска-Фиданоска
Се намалуваа даноци, се носеа регулаторни гилотини, се отвораа слободни зони, се трошеа милионски суми пари за скапи реклами во странски медиуми, дури се даваа и директни парични инјекции, но на Владата никако не и' успеа да донесе големи странски инвестиции во земјава, како што пред три години им ветуваше на македонските граѓани. Големите компании на кои типуваа нашите власти, едноставно не одлучија да изградат огромни фабрики во земјава и во нив да се вработат илјадници луѓе. И покрај бројните меморандуми и намери за инвестирање изостана очекуваниот инвестициски бум. Дури и некои од странските инвестиции во земјава пропаднаа и оставија зад себе големи финанскиски дубиози, а дел одлучија да го преселат својот капитал надвор од земјава.
Кои се причините за тоа, никој не успеа да одгатне. Дали фактот што Македонија е мал и неатрактивен пазар или, пак, многу повеќе, несериозниот однос на властите дури и кон оние компании кои тука веќе инвестирале и работат со години? Не е тајна дека со дел од нив власта влезе и во отворени конфликти, што не може да се толкува како поволна бизнис-клима.
Сега Владата на премиерот Никола Груевски повторно во обид да донесе тука странски компании, излезе со нова мерка за нивно привлекување. Ќе дава директна парична помош за потенцијалните инвеститори кои ќе одлучат да вложуваат во земјава. Дали се покажало дека тоа е единствениот спас, со директно давање пари да се привлекуваат странските компании?
И додека домашниот бизнис експресно реагираше барајќи еднаков третман со странските вложувачи, експертите се сомневаат дека и оваа најнова владина мерка ќе донесе некакви позначајни резултати.
Професорот Панче Јовановски од Европскиот универзитет не очекува ефекти и смета дека за реалните странски инвеститори да одлучат да го вложат својот капитал во една држава, многу е побитна сигурноста и стабилноста. „Стабилноста и сигурноста на економскиот систем на една држава се двата основни столба за носење одлука дали да се инвестира во одредена држава или не. Доколку овие два столба не постојат, многу минимални се шансите за каква било позитивна одлука од кој било реален инвеститор“, вели професорот Јовановски за „Утрински весник“.
Според него, „возилото кое би требало да не' однесе во посреќна иднина“ има четири тркала. „Првото тркало се институциите на државата и нивниот начин на функционирање. Второто се интеграциите во глобалната светска економија. Имено, Македонија сама по себе не е атрактивен пазар, барем за големите играчи, а ние повеќе одиме кон дезинтеграции отколку кон интеграции во овој период. Третото тркало, пак, се инвестициите, кои Владата сака да ги донесе во земјава, но сметам дека употребата на различни аршини за домашните и за странските инвеститори не е добра. Значи ли најновата владина мерка дека домашните инвеститори треба да го изнесат својот капитал надвор и да се декларираат како странски инвеститори, па повторно да го вратат во земјава и така да ги искористат бенефициите што им се даваат на странските инвеститори? И четвртото тркало е интелектот, бидејќи без знаење и умеење, нема напредок. За жал, и покрај сите големи и најавени активности од Владата, имаме се' помасовен одлив на млади интелектуалци во странство, што значи дека ние инвестираме во странство. Додека нашата работна сила, пак, според пресметките на странските инвеститори, е прилично скапа“, потенцира овој аналитичар.
Тој уште еднаш повторува дека за еден странец да одлучи да инвестира во една држава, треба да биде целосно сигурен за својот имот. „Висината на даноците и бенефициите не се толку битни, туку за големите светски корпорации е многу побитно дали постојната стапка на данок во одредена држава ќе биде иста во следните пет или десет години“, вели Јовановски.
Според него, доколку оваа најнова мерка е обид на Владата да го врати во земјава капиталот кој досега е излезен надвор, тој смета дека тешко ќе успее и дека тоа можело да се направи на сосема поинаков начин.
Инаку, според најновите податоци на Народна банка на Македонија, веќе е извесно дека годинава нема да им се израдуваме на странските инвестиции. За првите шест месеци од годинава земјава регистрирала странски директни инвестиции од само 109,9 милиони евра, или околу половина од 206 милиона евра инвестиции во истиот период лани. Драматични се податоците за јуни, бидејќи во овој месец влегле само симболични 9,5 милиони евра инвестиции, за разлика од лани кога во истиот месец имало рекорден влез од дури 61 милион евра.
Затоа сега власта реши да го менува Законот за економски зони, со што државата ќе им дава парична помош на потенцијалните инвеститори. Според министерот за економија, Фатмир Бесими, доколку, на пример, инвестицијата е 40 милиони евра, максималната регионална помош е 20 милиони евра. За инвестиции од 50 до 100 милиони евра се обезбедува 50 проценти од максималниот интензитет од регионалната помош, односно за инвестиција од 80 милиони евра, максималниот износ е 40 милиони евра. За инвестициите што надминуваат 100 милиони евра се обезбедува 34 проценти од максималниот интензитет на регионалната помош. Една од новините во Законот е што ќе постои 100 процентно ослободување за десет години за персоналниот данок, наместо досегашните 50 проценти за пет години. Не смее да се занемари дека една од причините за крајно лошиот инвестициски скор годинава е и економската криза.
Веднаш по владината мерка реагираа домашните инвеститори, кои побараа државата да им овозможи еднакви услови за работа како и на странските. Од Сојузот на стопански комори ја поздравија одлуката на Владата, но сметаат дека државата би требало прво да им понуди на домашните компании подобри услови за работа и за нив да оддели и парцели во слободните економски зони.
Инаку, иако тоа не го имаше ставено во конкретен закон, Владата и досега за одредени компании даваше директна парична помош, само за да инвестираат во земјава. Таков беше случајот со првиот нејзин адут во Бунарџик, американската компанија „Џонсон контролс“. Имено, според документи до кои пред неколку месеци дојде и ги објави „Утрински“, односно според Договорот за инвестициски вложувања што го склучиле Владата и компанијата, таа во периодот од 2007 до 2011 година треба да добие најмалку 4,5 милиони евра државна помош.
Поточно, на компанијата треба да и' се исплатуваат државни пари, и тоа по 500.000 евра во текот на 2007, 2008, 2009 и 2010 година или вкупно два милиона евра за изградба на објектот. Покрај овие пари, Владата во 2007 година, барем според Договорот, и' доделила на компанијата грант од 500.000 евра за тренинг на вработените, а за истата цел во 2008 година дала 400.000 евра, и исто толку пари во 2009 година, потоа 100.000 евра треба да исплати во 2010 и дури 600.000 евра во 2011 година, или вкупно за тренинг два милиона евра. Значи, вкупно 4 милиони евра за изградба на фабриката и за тренинг на вработените. Но, тука не завршуваат обврските. Владата се обврзала во рок од две години да исплатува по 50 отсто од бруто-платите на вработените, што само од октомври 2007 до декември 2008 година изнесува околу 315.000 евра. Со оглед на тоа што оваа обврска ја презела Владата за период од две години, тоа значи дека ќе плаќа 50 отсто од бруто-платите се' до октомври 2009 година.
„Џонсон контролс“, пак, се обврзала „да оствари инвестиција во производството во висина до 26,4 милиони евра во период од три години од започнување на градбата“ и „да вработи најмалку 150 македонски граѓани најдоцна до 30 септември 2009“. Доколку таа не го направи тоа, се обврзува да плати договорна казна од 5.000 евра за секое нереализирано вработување. Постојат и други обврски кои доколку не ги исполни, компанијата се обврзала да плати пенали и да ги врати грантовите.
Ваков договор меѓу „Џонсон контролс“ и Владата, кој е наречен Договор за инвестициски вложувања со кој се доделува државна помош, бил склучен на 13 јуни 2007 година, далеку од очите на македонската јавност. За таа спогодба никој не ги извести граѓаните во земјава, иако тие имаат право да знаат зошто се трошат буџетските пари. Властите тогаш убедуваа дека се' што е наведено во тој договор е во согласност со законските прописи во земјава и со правилата на Европската унија. И другите држави преземаат чекори за привлекување инвестиции, во смисла на средување на инфраструктурата, па дури и давање одредени даночни бенефиции. Но, вакви директни давања средства се многу ретка појава, а прашање е колкави ќе бидат нивните ефекти.
|