Лицата на луѓето што го напуштаа Градски стадион во саботата по завршувањето на фудбалскиот натпревар со Шкотска од квалификациите за Светското првенство 2010 во Јужноафриканска Република, во кој Македонија победи со 1:0, зборуваа се'. Насмевки на сите страни, развеани македонски знамиња, река од навивачи со шалови и со дресови на македонската репрезентација, колони автомобили со вклучени сирени. Еуфоријата се разлеа низ улиците на главниот град и низ целата држава, потсетувајќи на славењето по ремито 2:2 со Англија во Саутемптон и на радоста по победата од 2:0 над Хрватска во ноември минатата година. Имаше и што да се прославува: по „коцкестите“, кои тогаш беа десетти на листата на ФИФА, падна и 16. светска фудбалска сила во моментов. Два големи противника, и тоа едноподруго - Хрватите на крајот од ланските квалификации за Европскиот шампионат во Австрија и во Швајцарија, Шкотите на почетокот од долгиот пат до мундијалот на југот на Африка!
Дента кога фудбалерите ги разгалија срцата на љубителите на спортот во Македонија, за надополнување на пријатната атмосфера се погрижија и кошаркарските репрезентативци и ракометарите на Металург. Избраниците на селекторот Јовица Арсиќ ја „растурија“ Португалија, приредувајќи и' ретко видено шоу на публиката во салата „Борис Трајковски“ во Скопје во вториот меч на патот до ЕП 2009 во Полска. „Металурзите“, пак, во Измир покажаа кој е кој во европскиот машки ракомет и со четири гола позитива се вратија од првиот дуел со турскиот првак во квалификациите за Лигата на шампионите.
И нас сонце не' огреа. Значи, не сме биле до толку дудуци како што се стекна впечаток по разочарувачките Олимписки игри во Пекинг, каде што шестмина од седумтемина македонски спортисти беа само епизодисти. Екипните спортови со топка ја вратија надежта дека и Македонците знаат и тоа како да се токмат со противници и од многу поразвиени спортски нации.
Реакциите по трилингот успеси во еден ден покажуваат колку е гладен овој народ за победи. Колку им недостига тоа чувство на луѓето дека барем во нешто сме подобри од другите, за инает на преовладувачкото чувство на апатија, дефетизам, тескоба. Нема подобар лек за тоа од победите, токму како во изреката дека нема ништо поуспешно од - успехот.
За враќањето на расположението своја заслуга имаат и Сител, кој продолжи ��аму каде што застанаа Канал 5 и А1 во следењето на фудбалската селекција, како и Македонска телевизија, која ги пренесува(ше) средбите на кошаркарите и на одбојкарите во баражот за ЕП 2009 во Турција. Сполај му на бога, допреа до нивните уши сугестиите од ова место.