Магазин
Нов хорор-бакнеж од принцот на мракот

Шокантниот рок-музичар Алис Купер со нов материјал „Along Came a Spider“
Александар Митевски
Малкумина се оние кои не слушнале ништо за Винсент Фурние или попознат како Алис Купер. Овој контроверзен рок-музичар и шокантна персона зад себе има многу светски успеси, проекти и големи турнеи кои ги одбележаа оние пет декади колку што се протега неговата кариера. Мора да сте погледнале барем еден од неговите перформанси каде што сцената е претворена во вистинска хорор-атмосфера со употреба на гилотини, електрични столови и многу лажна крв. Овој даркерски лик успеа да ги вкрсти сцените од хорор-филмовите, водвиљот, хевиметалот и гаражниот рок во една хибридна театрална рок-претстава која, според него, не се нарекува никако поинаку, туку шок-рок. Во златните почетоци во неговиот бенд, покрај него како главен вокал, членуваа и Глен Бакстон на гитара, Мајкл Брус на ритам-гитара, басистот Денис Данавеј и тапанарот Нил Смит и тие првпат ја вкусија планетарната популарност со огромниот хит од 1971 година I'm Eighteen, извлечена од албумот Love it to Death. Оваа нумера доби уште поголем и подобар следбеник во нумерата School's Out од 1972 година, која претставува вистинска химна на Алис Купер, а значителен успех постигнаа како бенд и со албумот од 1973 година - Billion Dollar Babies. Две години подоцна стартува соло-кариерата на овој контроверзен лик со албумот Welcome to My Nightmare, а по 33 години Алис Купер се' уште е полн со енергија, активен и го издаде најновото студиско остварување - Along Came a Spider, кој претставува негов осумнаесетти солистички албум. Овој најпосакуван хевиметал-изведувач (според статистиките на магазинот „Ролингстоун“) кокетираше со многу музички правци во текот на кариерата, започнувајќи со матичниот детроитски гаражен рок и глам-рок, па имаше секакви музички излети во кои вметнуваше арт-рок, поп-рок и експериментален рок. Сепак, според критичарите, во последните години од неговата кариера и сегашниот нов проект тој искрено им се враќа на своите музички корени, односно на суровиот гаражен рок. Тој е пионер и изумител на оваа рокенрол-хорор музичка слика и тој беше првиот што ги даде контурите и му вдахна хорор-визуелизација на рокенролот, што стана негов препознатлив стил. Инаку, настрана од музиката, овој ултраагресивен и насилен сценски лик во реалноста јавноста го знае и како филмски актер, познат угостител и радиово��ител на неговото шоу со класична рок-музика Nights with Alice Cooper, кое почна да се емитува пред четири години. Сепак, негова најголема манија и вонвременска љубов е голфот.
Љубовта спрема голфот
Заразата со оваа опсесија почна откако Алис Купер се впушти во голф-авантура со цел да ја надмине зависноста од алкохол, но според оние што го познаваат, тој само ја замени зависноста од алкохол со уште поголема зависност кон овој елитен спорт. Една од најпродаваните книги за минатата година беше токму неговата автобиографска - Alice Cooper, Golf Monster, каде што се рефлектирани сите негови животни моменти. Овој вистински професионалец игра голф шест дена во неделата и учествува на многу натпревари. Од 1997 година стартуваше со вистински добра идеја насловена како Alice Cooper Celebrity AM Golf Tournament, односно организирање голем и комерцијален голф-турнир со негово име, каде што настапуваат познати фаци и донираат пари во хуманитарни цели за неговата фондација Solid Rock. Голф-опсесијата се пренесе и на телевизиското платно, па така тој се појавува и во една телевизиска реклама за голф-опрема на компанијата Callaway Golf, а дури напиша и книга-прирачник за почетници во голфот - Golf for Dummies. Големите голф-играчи имаат убави зборови за него и велат дека влакно недостигало тој да стане вистински професионалец во овој спорт.
Инаку, што се однесува до неговиот љубовен живот, тој секогаш е завиен со превез на мистерија. Прва негова љубов за која јавноста знае беше уште во времето на бендот „Алис Купер“, кога се забавуваше со Кристин Фрка, која трагично почина во 1972 година од предозираност со дрога. Негова долгогодишна љубов беше и Синди Ленг, со која и живееше неколку години, но во 1975 година се разделија. Него го поврзуваа и со тогашната најубава жена на Холивуд, Ракел Велч, а според жолтиот печат, токму тој ја оставил Ракел за да се ожени со балерината и кореографка Шерил Годар, која танцуваше на неговите шоу-програми кон крајот на 1970-тите. Во ноември 1983 година таа дигна раце од мачниот живот со него и неговата преголема алкохолизираност и таа нивна брачна криза со можност за развод траеше до средината на 1984 година, кога тие се помирија и се' уште живеат заедно. Во интервју пред неколку години тој изјави дека таа е љубовта на неговиот живот и дека откако е со неа, никогаш не ја изневерил, што е тешко да се поверува со оглед на неговата природа. Оваа контроверзна двојка има три деца: најстарата ќерка Калико Купер (1981) е веќе релативно позната актерка и пејачка, синот Дешиел (1985) е студент на Универзитетот во Аризона и свири во бендот Runaway Phoenix. Најмалата ќерка Сонора ја добија во 1993 година.
Инаку, интересен податок поврзан со него е и неговата правна голгота околу користењето на името Алис Купер. Имено, поради фактот што Алис Купер беше име на бенд, а не на главниот пејач, во правна битка му беше наложено дека тоа име е во сопственост на бендот, а не негова лична сопственост. Гласиштата велат дека за да ги смири немирните духови, Купер плаќал и се' уште плаќа огромни суми како годишни права на членовите од оригиналната постава на бендот за правото да го користи тоа име комерцијално.
Светот не знае каков став да заземе спрема новиот Алис Купер, кој се' почесто изненадува со своите постапки и ги замислува своите фанови. Шокантниот рокер, за кого беше ритуал да ги преплашува своите фанови со змии на вратот на концертите и со симулации на отсекување глави, неодамна изјави дека е голем верник и дека секоја недела оди со семејството на миса и дека со стручна помош изучува делови од Библијата. Што е многу, многу е, па и од еден Алис Купер.
|